Спортски вести

70

ФУДБАЛ
Играњето со рака и офсајдот на тапет идната недела?

Фудбалските тела што ги донесуваат правилата на фудбалската игра треба в понеделник да разговараат за контроверзното правило за (не)играње со рака, објави новинската агенција ПА. Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, минатиот месец му пишал на својот колега од Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, барајќи одборот на Меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ), задолжен за донесување и измени на фудбалските правила, повторно да го разгледа тоа правило, кое беше променето во 2019 година, во обид да се направи помалку субјективно.
Чеферин во писмото истакнал дека има „растечка фрустрација и непријатност“ во фудбалот во врска со измените и со начинот на нивната примена. Тој ја истакнал тешкотијата да се дефинира каква е „природната“ положба на телото кога топката ќе удри во раката или во рамото.
ИФАБ може да предложи дополнително појаснување на правилото за играње со рака од сезоната 2021/2022. На состанокот треба да бидат разгледани и предлозите околу правилото за офсајд. ПА пишува дека би требало да се разгледува и предлогот на Арсен Венгер, поранешниот менаџер на Арсенал, сега шеф за глобален развој на ФИФА, според кого играчот што постигнува гол не е во офсајд ако кој било, па и најмал дел од неговото тело, е зад дефанзивецот. Л.Д.


Непоразената Барселона прв фаворит

Шпанскиот гигант Барселона е првиот фаворит за највисок пласман сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ) според есенското рангирање што го направи Европската ракометна федерација (ЕХФ) во пресрет на новото коло од групната фаза. Шпанскиот тим е единствен со стоотстотен ефект во досегашниот тек од сезоната, со пет победи во пет меча и најдобар напад, кој има ефект 38,8 постигнати гола по натпревар.
Втората позиција на оваа листа на ЕХФ ја има унгарски Веспрем, кој зад себе има четири победи и едно реми сезонава. Трет на листата на ЕХФ е полски Киелце, а четвртата позиција ја има германски Кил. Преостанатите пет тима што добија место на фаворитската листа на ЕХФ се германски Фленсбург, дански Алборг, португалски Порто, француски Нант, белоруски Мешков и украински Мотор. Та.Д.