Спортски вести

58

Хамилтон по седми пат стана светски  првак, се израмни со Шумахер

Феноменалниот британски возач на Формула 1, Луис Хамилтон, со победата на трката за големата награда на Турција, која се возеше во Истанбул, на три трки до крајот успеа да ја освои својата седма титула (славеше и во 2008, 2014, 2015, 2017, 2018 и во 2019 година).
На тој начин тој се израмни по бројот на титули со легендарниот Германец Михаел Шумахер (титули во 1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003 и во 2004 година), а годинава успеа да го надмине по вкупниот број поединечни победи (94, Шумахер 92).
Британецот вчера ја прослави својата 94-та победа (10-та годинава, а четврта во низа), а 73-та со Мерцедес, што е, исто така, нов рекорд (возеше и за Мекларен), додека Шумахер има 92, од кои 72 со Ферари (возеше и за Бенетон). И сето ова Хамилтон го направи со помалку извозени трки отколку Шумахер. За Хамилтон ова беше вкупно 163 подиум во кариерата.
За потврда на титулата, пред трката на Хамилтон му беа потребни повеќе од седум бода од неговиот колега, Финецот Валтери Ботас, кој заврши на 14-то место.
Втор на вчерашната трка беше Серхио Перез, а трет Себастијан Фетел. До крајот на сезоната треба да се возат уште три трки, а Хамилтон е недостижен. Г.И.


ТЕНИС
Синер – прв победник на АТП-турнир роден во 21 век

Младиот Италијанец, 19-годишниот Јаник Синер е победник на тенискиот АТП-турнир од серијата 250 во Софија, откако во финалето го надигра Канаѓанецот Весек Поспишил (30), со 6-4, 3-6 и 7-6 во сетови. За Синер, кој со триумфот во Софија направи скок од седум позиции на АТП-листата (од 44-то на 37-то место), ова е прва титула во кариерата до која стигна во своето прво финале. Со победата на Синер, тенисот го доби првиот освојувач на АТП-турнир роден во 21 век, а тој е и најмладиот Италијанец победник на некој опен-турнир во историјата. За Поспишил ова беше второ загубено финале сезонава, по поразот од Французинот Гаел Монфис на турнирот во Монпелје. Та.Д.