Спортски вести

94

ШАХ
Карлсен победник на турнирот на домашен терен

Актуелниот светски првак во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (рејтинг 2.863, рангиран прв во светот), на едно коло пред крајот на турнирот што се игра во Ставангер (Норвешка) го обезбеди првото место, откако во деветтото коло го победи Алиреза Фирузја (2.728, најдобар јуниорски рејтинг). Карлсен веќе има недостижни 19,5 поени (на овој турнир за победа се доделуваат три поени).
Во другите два дуела од ова коло, Јан Криштоф-Дуда (рејтинг 2.757), кој на овој турнир ја прекина низата на Карлсен од 125 партии без пораз и Фабијано Каруана (2.828), односно Ариан Тари (2.633) и Левон Аронијан (2.767) ремизираа, но во дополнителната т.н. армагедон-партија (10 минути за белиот, а седум за црниот, кој, пак, и со реми се смета за победник), Каруана и Аронијан забележаа победи и освоија по 1,5 поен.
Табела по девет кола: Карлсен 19,5 поени, Фирузја 15,5, Аронијан 14,5, Каруана 14, Криштоф 9,5, Тари 2,5. Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Сезона многу поразлична од која било друга

Новата сезона во Светскиот куп (СК) во алпско скијање што почнува со денешниот женски слалом и со утрешниот машки велеслалом во Зелден, Австрија, без публика, ќе биде многу поразлична од минатите поради пандемијата на коронавирусот. Маркус Валднер, директорот на СК за мажи при Интернационалната скијачка федерација (ФИС), за австриските медиуми изјави дека сезонава ќе биде прашање на опстанок и оти постојат големи шанси за откажување на некои настани.
Главната цел е да се обезбеди безбедно опкружување за спортистите и да се намалат трошоците за тимовите, за организаторите и за другите партнери. За да се ограничи интеракцијата што е можно повеќе, голем број настани се поделени, на женски и на машки трки, како и брзинските и техничките трки, кога е можно. Титулите од лани ќе ги бранат Италијанката Федерика Брињоне во женска и Норвежанецот Александер Килде во машка конкуренција. По Австрија, треба да се одржат трки во Франција во декември, во јануари се предвидени трки во Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија, Словенија и во Швајцарија итн. Л.Д.


ТЕНИС
Вимблдон планира три сценарија

Да се одигра тенискиот гранслем-турнир Вимблдон следната година е „приоритет број еден“ за организаторите, а се разгледува и опцијата за играње без гледачи, пишува „Би-би-си“. Поради пандемијата на коронавирусот, тој турнир беше откажан годинава првпат по Втората светска војна. Организаторот, Сеанглискиот клуб, соопшти дека веќе планира три сценарија за 2021 година, а тоа се мечеви пред полн капацитет на стадионите, намален капацитет или зад затворени врати.
– Наш главен приоритет и понатаму ќе бидат здравјето и безбедноста на сите, особено на нашите гости, нашите вработени и на нашите натпреварувачи – велат организаторите, пренесе „Би-би-си“.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Повик Џиро д’Италија да заврши предвреме

Американскиот тим ЕФ Про сајклинг, побара од организаторот на Џиро д’Италија трката да заврши предвреме, неделава, за да се избегне „хаотично повлекување на тим по тим“ од трката, пренесе „Би-би-си“. Но извршното тело на светскиот велосипедизам (УЦИ), го одби тоа барање, велејќи дека организаторите „се обврзале да ги спроведат сите мерки за обезбедување на безбедносниот меур“. Досега два тима се повлекоа од Џиро поради неколкуте позитивни тестови на ковид-19 во нивните табори. Од ЕФ најавија дека и тие ќе се повлечат ако некој во нивниот тим биде позитивен на ковид-19. Траката треба да заврши на 25 октомври во Милано. Л.Д.