Спортски вести

121

ФУДБАЛ
Засега само Финска е дебитант на ЕП 2021

Покрај фудбалската репрезентација на Финска, која засега е единствениот дебитант на Европското првенство в година, од плејофот на Лигата на нациите првпат на ЕП можат да се најдат уште најмалку една, а најмногу три селекции. Финска обезбеди место на ЕП низ квалификациите, во кои го освои второто место во групата Ј.
Од плејофот на лигата А која било селекција да се пласира на ЕП нема да биде дебитант (Исланд, Бугарија, Романија и Унгарија од претходно имаат настапи на ЕП).
Од лигата Д, пак, ниту една од селекциите во плејофот досега нема настап на европските првенства (Македонија, Косово, Грузија и Белорусија).
Од другите селекции што веќе обезбедија настап на ЕП, второ учество ќе има Велс, трето Украина и Австрија, четврто Полска итн.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Герент Томас се повлече од Џиро д’Италија поради скршеница на колкот

Британецот Герент Томас (34), возачот на Инеос Гренадирс, мораше прерано да го заврши настапот на велосипедската трка Џиро д’Италија поради скршеница на колкот. Томас падна пред почетокот на третата планинска етапа до врвот Етна на Сицилија, откако со предното тркало удри во пластично шише за пијалаци, падна и го повреди колкот. Велшанецот успеа некако да ја извози етапата, но загуби повеќе од 12 минути, со што практично завршија надежите за негова победа на оваа трка во која тој беше еден од главните фаворити. Снимките вчера покажале дека станува збор за фрактура на колкот.
– Многу е фрустрирачко, бидејќи многу се подготвував за оваа трка. Се чувствував како да сум во исто толку добра, ако не и во подобра форма, отколку кога победив на Тур де Франс пред две години. Да заврши трката вака, навистина е разочарувачки – изјави Томас, кој, како и Крис Фрум, беше изоставен од тимот на Инеос за годинашниот Тур де Франс за да победи на Џиро. Л.Д.


ШАХ – ТУРНИР ВО НОРВЕШКАКарлсен го победи Аронијан по „продолженија“

Актуелниот светски првак, Магнус Карлсен (2.863 рејтинг-поени), првпат заигра на шаховски турнир во живо, по паузата поради пандемијата на ковид-19, и тоа на свој терен, во Ставангер, со класично темпо на игра. На супертурнирот во Норвешка, тој во првото коло го победи Левон Аронијан (рејтинг 2.767), но по дополнителниот т.н. армагедон-дуел во забрзан шах (играчот со бели фигури има една минута повеќе за размислување, но мора да победи), откако „белиот“ Аронијан превиде топ во 37-от потег. Претходно класичната партија помеѓу двајцата заврши без големи возбудувања, со реми по 39 потези. За оваа победа Карлсен освои 1,5 поен (според системот на бодување за овој турнир, победа во меч во класичен шах, на пример, носи три бода). Три поени освоија шахистот број два во светот, Фабијано Каруана (2.828), против Ариан Тари (2.633), и Алиреза Фирузја (2.728) против Јан-Криштоф Дуда (2.757). Тие за победата во регуларниот тек (баз армагедон), освоија по три поени, а поразените останаа без поен. Г.И.