Спортски вести

45

ФОРМУЛА 1

Во Нирбургринг ќе може да присуствуваат и до 20.000 гледачи

На 20.000 гледачи ќе им биде дозволено да присуствуваат на трката за големата награда на Германија во Формула 1, која на 11 октомври треба да се одржи на патеката во Нирбургринг а која вообичаено собира повеќе од 100.000 љубители на овој спорт. Нирбургринг првпат треба да биде домаќин на гранпри-трка по 2013 година.
Трибините ќе бидат поделени во делови, во кои ќе бидат назначени блокови за седење, за да се овозможи физичка дистанца поради пандемијата на коронавирусот, а маските за лице се задолжителни на целата локација. Следната трка во Формула 1 е в недела во Сочи (Русија). По девет трки сезонава, во генералниот пласман води актуелниот светски првак, Британецот Луис Хамилтон, со 190 бода, пред Финецот Валтери Ботас со 135, Холанѓанецот Макс Ферстапен со 110 бода итн. Г.И.


„Оригиналните 9“ номинирани за влез во „Куќата на славните“

Групата „Оригинални 9“, чии напори на крајот доведоа до создавање на ВТА, го предводи списокот на номинирани за влез во Меѓународната тениска куќа на славните, пишува „Ројтерс“. Групата зазеде став против разликата во паричните награди и се залагаше за можностите за жените да играат професионален тенис. Тие беа номинирани во категоријата за тие што придонеле за развојот на тенисот, соопшти во понеделникот „Куќата на славните“ со седиште во Њупорт, Род Ајленд (САД).
Поранешните тенисери Лејтон Хјуит, Хуан Карлос Фереро, Лиза Рејмонд, Јонас Бјоркман и Серхи Бругуера се номинирани во категоријата играчи. Во „Оригиналните 9“ се Американките Пичес Барткович, Роузи Касалс, Џули Хелдман, Били Џин Кинг, Кристи Пиџон, Ненси Ричи, Валери Зигенфус и Австралијките Џуди Тегарт Далтон и Кери Мелвил Рид.
Класата за 2021 година ќе биде објавена во почетокот на 2021 година, а церемонијата е планирана за 17 јули.


Откажани се плановите за враќање на гледачите во октомври во Англија

Нема да се реализираат плановите гледачите да се вратат на спортските настани во живо во Англија од 1 октомври, вели Мајкл Гоув од канцеларијата на Владата на Велика Британија, пренесе „Би-би-си“. Плановите беа ставени на разгледување претходно овој месец, по зголемувањето на случаите со коронавирус, со пилот-настани ограничени на 1.000 лица. Пилот-програмата, исто така, ќе биде паузирана, пишува „Би-би-си“. Повеќето спортови во Англија се играа зад затворени врати од почетокот на пандемијата на коронавирусот во март. Претходно овој месец извршниот директор на англиската фудбалска Премиер-лига, Ричард Мастерс, изјави за „Би-би-си“ дека е од голема важност гледачите да бидат вратени на стадионите што е можно поскоро и дека ако не се случи така, тоа ќе ги чини клубовите 700 милиони фунти во текот на сезоната 2020/2021.