Спортски вести

43

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Прв пораз за Мурињо во прво коло

Евертон го изненади Тотенхем совладувајќи го со 1-0 во 1-то коло од новата сезона во англиската фудбалска Премиер-лига, а менаџерот на домашниот тим, Жозе Мурињо, првпат во кариерата загуби воведен првенствен натпревар во една сезона, по претходните 11 победи и седум ремија.
– Очекував многу повеќе, индивидуално и колективно. Тоа не беше многу добра игра, ниту постојана, ниту, пак, игра по која имам чувство дека сите мои играчи дадоа сѐ. Си одам дома со чувство дека некои од фудбалерите можеа да сторат повеќе – изјави Мурињо.

Од друга страна, Евертон предводен од менаџерот Карло Анчелоти и засилен со тројца играчи во средниот ред, Хамес Родригез, Абдулаи Дакуре и Алан, одлично ја почна сезоната.
– Презадоволен сум, одигравме одличен меч. Покажавме дека можеме да се натпреваруваме против секого ако е добар духот и ако сите максимално се залагаме. Тоа е најважната порака – изјави Анчелоти, чиј тим по речиси седум години и 40 меча првпат победи екипа од т.н. „најдобра шесторка“.
Шампионот Ливерпул во крајно интересен меч, со победа над Лидс со 4-3, ја почна одбраната на титулата или, како што најави менаџерот Јирген Клоп, ја почна трката за нова круна. Првпат по 1982 година, Ливерпул прима по три гола на два меча едноподруго на домашен терен (претходно од Челси, во победата со 5-3).


Лестер и Варди се „специјалисти“ за гостување кај ВБА

Лестер триумфира на гости над новиот англиски фудбалски премиерлигаш Вест Бромвич Албион (ВБА) со 3-0, а сезоната со порази ја почнаа и другите два нови премиерлигаши, Лидс (од Ливерпул, 3-4) и Фулам (од Арсенал, 0-3). Првпат по сезоната 2013/2014 кога Кристал Палас, Хал и Кардиф беа поразени во првото коло, се случува вакво нешто. Напаѓачот на Лестер, Џејми Варди, најдобриот стрелец лани со 23 гола, постигна два гола од пенал против ВБА. Тој постигна гол и на петтиот меч против ВБА на гости со што се израмни со Руд ван Нистелрој, кој против Њукасл постигна пет гола на пет меча. Лестер ја прокнижи петтата победа на последните пет дуела на гости кај ВБА, со што, пак, се израмни со Манчестер сити и со Арсенал, кои имаат по пет победи на гости во низа, над Борнмут, односно над Хал. 


Тим губеше со 0-2 во финалето со Зверев, но го освои гранслем-турнирот САД опен. Во таканаречената опен-ера на тенисот, до таков триумф со пресврт од 0-2 до 3-2 стигнале Борг, Лендл, Агаси и Гаудио

ТЕНИС
Тим влезе во елитен петчлен клуб на гранслем-шампиони

Третиот светски тенисер, 27-годишниот Австриец Доминик Тим го освои 140-то издание на гранслем-турнирот САД опен, откако во финалето во Њујорк со пресврт славеше над Германецот Александар Зверев (23), со 2-6, 4-6, 6-4, 6-3, 7-6 во сетови. Тоа беше четврто гранслем-финале за Тим (во 2018 и во 2019 година загуби на Ролан Гарос од Рафаел Надал, а годинава на Австралија опен од Новак Ѓоковиќ).
– Би сакал да имаме двајца победници денеска, бидејќи и двајцата го заслужуваме тоа. Досега во главата ми се вртеше мислата дека имав голема кариера, подобра од таа за која сонував, но сѐ до денес ми недостигаше една од најголемите цели. Практично цел живот го посветив на тоа да освојам еден гранслем-трофеј и сега успеав. Ова е големо достигнување за мене, моето семејство и за мојот тим – рече Тим, кој стана првиот тенисер роден во 1990-тите што освоил гранслем-титула.

По Томас Мустер, кој го освои Ролан Гарос во 1995 година, Тим е вториот Австриец со гранслем-титула. Тој е и петти тенисер што по 0-2 во сетови во финале направи пресврт за победа, во т.н. опен-ера на тенисот (од 1968 година, кога им било дозволено да играат и на професионалците). Сите претходни случаи биле на Ролан Гарос (Бјорн Борг против Мануел Орантес во 1974 година, Иван Лендл против Џон Мекинро во 1984-та, Андре Агаси против Андреј Медведев во 1999-та и Гастон Гаудио против Гиљермо Корија во 2004 година).

– Бев толку блиску, ме делеа неколку поени. Мислам дека ова не беше мојата последна шанса. Мислам дека клучниот момент за пресвртот беше кога го загубив сервисот во почетокот на третиот сет и оттогаш Тим почна да игра многу подобро, а јас многу лошо. Со оглед на тоа што загубив во петтиот сет со 7-6, по моето водство со 2-0 во сетови, не ми е лесно да се концентрирам на позитивни работи. Ќе ми требаат два-три дена за тоа – рече Зверев, чиј најдобар досегашен резултат на гранслем-турнирите беше полуфиналето годинава на Австралија опен, во кое, исто така, загуби од Тим.