Спортски вести

68

Суперкупот на УЕФА со навивачи!

Европската фудбалска унија (УЕФА) ја разгледува можноста суперкуп-мечот на 24 септември на стадионот „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта (Унгарија) да биде пробен за враќање на навивачите на стадионите.
Пред неколку дена УЕФА организира нова видеоконференција на која учествуваа 55-те генерални секретари на националните асоцијации, а клучна точка за дискусија беше токму потенцијалното постепено враќање на навивачите на натпреварите на УЕФА.
– Премногу е рано да им се дозволи на навивачите да присуствуваат на претстојните натпревари на националниот тимови што ќе се играат на почетокот од септември. Потребно е претходно да се стори тоа на соодветни тест-натпревари за да се проучи влијанието на тековните медицински протоколи врз гледачите. Затоа планираме суперкуп-мечот што ќе се игра на 24 септември да биде пробен, со намален број гледачи – се вели во соопштението на УЕФА.
Во суперкуп-мечот на УЕФА играат победниците во ЛШ и во ЛЕ. Л.Д.


Тенисерката Осака е најплатена спортистка во светот

Јапонската тенисерка Наоми Осака со 37,4 милиони евра е на врвот на листата на најплатени спортистки во светот. Според истражувањето, кое го направи американскиот економско-финансиски магазин „Форбс“, од првите 10, дури девет најплатени спортистки се тенисерки!
Втора на листата е Американката Серена Вилијамс (36 милиони долари), додека на третата позиција е, моментално најдобрата светска тенисерка, Австралијката Ешли Барти (13,1). Следуваат, Романката Симона Халеп (10,9), Канаѓанката Бјанка Андреску (8,9), Швајцарката Гарбин Мугуруза (6,6), Украинката Елина Свитолина (6,4), Американката Софија Кенин (5,8) и Германката Анџелика Кербер (5,3 милиони долари).
Единствената претставничка од другите спортови, а која е меѓу првите 10 најплатени спортистки во светот е американската фудбалерка Алекс Морган (4,6). Истражувањето на „Форбс“ го опфати период од јуни минатата година до јуни годинава.
На листата на најплатените спортисти во светот, пак, која „Форбс“ ја објави во мај годинава, Осака беше 29-та, додека Вилијамс 33-та. Тие две се и единствените жени што се меѓу првите 100 најплатени спортисти, воопшто. Г.И.