Спортски вести

50

Сан Антонио по 22 години без плејоф во НБА

Кошаркарите на Портланд славеа минимално со 134-133 против Бруклин и на тој начин си обезбедија место во т.н. плејин, за пласман во плејофот во НБА-лигата. Со овој триумф, тие наедно си го осигурија осмото место на Западот и против Мемфис ќе се борат за последното место во плејофот и меч со Лос Анџелес Лејкерс.
Најзаслужни за победата кај Портланд беа Демијан Лилард (42 коша), Си Џеј Меколум (25) и Јусуф Нуркиќ (22). Кај Бруклин, кој на почетокот на плејофот ќе игра против Торонто, најефикасен беше Карис Леверт со 37 поени. Претходно, место во плејин обезбеди и Мемфис, кој беше подобар од Милвоки со 119-106. Финикс ја оствари и осмата победа откако НБА-сезоната продолжи (беше прекината поради пандемијата на коронавирусот), а беше подобар од Далас со 128-102, но тоа сепак, не беше доволно за пласман во плејин, откако Портланд оствари победа. Далас како седми на Западoт, на почетокот на плејофот ќе игра против Лос Анџелес Клиперс. По победите на Мемфис и Феникс беше јасно дека кошаркарите на Сан Антонио останаа без плејоф, и тоа првпат по 22 години! Сан Антонио сезонава ја заврши со пораз од Јута 112-118, која, пак, во првата рунда од плејофот ќе игра против Денвер. Орландо во натпревар без резултатско значење беше подобар од Њу Орлеанс со 133-127. Г.И.


ФА-купот без повторени дуели и со двојно помали награди

Во ФА-купот следната сезона ќе нема повторени натпревари доколку првиот заврши без победник, за да се растовари згуснатиот календар на мечеви предизвикан од ковид-19, соопшти Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), пренесува „Ројтерс“.
Натпреварите во ФА-купот сезонава ќе започнат на 1 септември, еден месец по финалето во 2020 г., и треба да завршат со финалето на „Вембли“ на 15 мај 2021 година. ФА истакнува и дека наградниот фонд двојно ќе се намали и ќе се врати на нивото од 2017/2018 година, поради финансиското влијание на коронавирусот. Победникот ќе добие 1,8 милион фунти (два милиона евра), што е намалување од 3,6-те милиони фунти за минатата сезона.

Англиската фудбалска лига (ЕФЛ) соопшти дека во Лига-купот наместо по два полуфинални меча ќе се игра по еден, во јануари 2021 година. Првите четири рунди од ова натпреварување ќе се одиграат четири недели во низа, почнувајќи од септември.
Новата сезона во Премиер-лигата ќе започне на 12 септември и треба да заврши на 23 мај 2021 г., а комплетниот распоред на сите 380 натпревари ќе биде објавен најдоцна до 21 август. Годинава ќе нема зимска пауза за да заврши сезоната пред презакажаното Европско првенство (ЕП) 2020, кое треба да започне на 11 јуни следната година. Минатата сезона сите 20 екипи имаа еден слободен викенд во февруари. Л.Д.


Повторно шпанско-англиски дуел

Утре и в понеделник, со двата полуфинални меча, Севилја – Манчестер јунајтед и Интер – Шахтар, во Германија продолжува мини-турнирот во Лига Европа (ЛЕ).
Севилја, најтрофејниот клуб во ова натпреварување со пет триумфи, повторно се среќава со тим од Англија, откако во минатата четвртфинална рунда го елиминира Вулверхемптон (1-0). Севилја беше казнета од УЕФА со 10.000 евра поради доцнењето на тој меч. Манчестер Ј. го елиминира Копенхаген (1-0).
Тимови од Шпанија и од Англија триумфираа во последните осум сезони во ЛЕ, Атлетико (2012 и 2018), Челси (2013 и 2019), Севилја (2014, 2015 и 2016) и Манчестер јунајтед (во 2017-та).
Интер, трикратниот победник се среќава со Шахтар, кој еднаш триумфирал во ЛЕ. Во минатата рунда Интер го совлада Баер Леверкузен (2-1), а Шахтар беше подобар од Базел (4-1). Финалето треба да се одигра в петок, 21 август во Келн. Л.Д.