Спортски вести

22

ЕП, сепак, ќе се вози годинава

Европската велосипедска унија (УЕЦ) објави дека Европското првенство (ЕП) ќе се одржи од 24 до 28 август во францускиот град Плуе. ЕП требаше да се одржи во септември во Италија, но беше одложено за 2021 година поради пандемија на коронавирусот, но, сепак, УЕЦ најде нов организатор и заменска локација на која првенството би можело да се одржи годинава.
– Со оглед на особено тешката сезона, поради пандемијата на коронавирусот, горди сме што ќе бидеме во можност да го организираме ЕП. Од почетокот на здравствената криза работевме неуморно и се обидувавме да спасиме колку што е можно повеќе од закажаните настани. По одложувањето на ЕП за идната година, инициравме низа контакти за да не го изгубиме нашиот голем настан – вели претседателот на УЕЦ, Роко Катенео.
УЕЦ веќе има подготвено и дефинирано здравствен и организациски протокол заснован врз мерките препорачани од надлежните органи. Први на програмата ќе бидат хронометарските трки, би следувале уличните трки, а најсилната трка во машка конкуренција би требало да се вози на 26 август.
– Тоа ќе им овозможи на елитните возачи да бидат дел и од националните првенства, кои во повеќето европски земји се закажани за 23 август, а потоа да патуваат во Ница, за почетокот на Тур де Франс – пишува во објавата на УЕЦ на нивната интернет-страница. Та.Д.


Со виртуелни графики до поголеми приходи

Италијанската фудбалска Серија А во партнерство со Интеррегионалната спортска групација (ИСГ) ќе обезбедува виртуелни графички решенија на празните стадиони. Виртуелната заднина, која ќе се користи за време на натпреварите во Серија А, сезонава треба да им овозможи на клубовите да го максимизираат повратот на инвестициите на фирмите партнери и да им испорачаат „оптимално влијание врз приходите“, според Сајмон Барџис, извршен директор и коосновач на ИСГ.
Виртуелните графики на ИСГ содржат логоа на клупските партнери во кругот, на центарот од теренот, пред почетокот, на паузата и пред почетокот на второто полувреме. Покрај тоа, празните трибини на сите натпревари во Серија А ќе бидат исполнети со графики и со бои на тимовите, но само во одбрани периоди.
– Овој пристап обезбедува интересно графичко доживување и не влијае негативно врз уживањето во натпреварот. Работевме со клубовите во Серија А, користејќи ја нашата експертиза за да најдеме начини со кои ќе им помогнеме да ги зголемат приходите и да ја искористат најдобро инфраструктурата на стадионите за да создадат нови виртуелни медиумски простори и платформи – вели Барџис. Л.Д.


Во Саксонија ќе се врататгледачите на трибините?

Германската покраина Саксонија, на истокот од земјата, каде што најголеми градови се Лајпциг и Дрезден, планира од 1 септември да дозволи одржување јавни настани, меѓу нив и фудбалски натпревари, со присуство на над 1.000 посетители, објави весникот „Билд“, цитирајќи ја регионалната министерка за здравство Петра Копинг. Министерката за здравство на Саксонија рече дека нема да се поставува горна граница на бројот на посетители на поголемите настани, но рече дека би требало да биде можно тие да следуваат подоцна доколку е потребно, објави „Билд“. Саемите ќе бидат дозволени во Саксонија од 18 јули. Големите настани беа суспендирани подолго време, за да се забави ширењето на коронавирусот. Л.Д.