Спортски вести

61

НБА објави протоколи дури на 113 страници!

Подготвувајќи се за продолжување на сезоната кон крајот на јули во изолираната околина на спортскиот комплекс „Дизни ворлд“ во Флорида, НБА-лигата објави детален список со протоколи напишани дури на 113 страници!
Упатствата се однесуваат веројатно на сите можни ситуации што можат да се случат во продолжението на лигата, од оние што се очекувано значајни, па до такви што едноставно се многу смешни.
Така на пример во делот за хигиената, НБА-лигата бара од играчите да не плукаат и да не го празнат носот на теренот, да не ја бришат топката со својот дрес, да не ги лижат прстите и да не ги допираат штитниците за заби, доколку не мораат.
Понатаму, во слободното време, ако кошаркарите играат пинг-понг, тоа да го прават само во индивидуални дуели, односно да избегнуваат игра во двојки за да можат да го одржат пропишаното физичко растојание од 183 см.
Многу потсмев во јавноста предизвика протоколот што вели дека кога кошаркарите во слободно време играат карти, исто така треба да ја зачуваат оддалеченоста од 183 см, што е тешко да се направи, ако се знае дека играчите се на иста маса. Наредено им е и да носат маски доколку играат карти во затворен простор и да ги фрлат комплетите карти во канта за ѓубре кога ќе завршат со играта, истакнувајќи дека на располагање ќе имаат доволен број комплети за играње додека се во изолација.
Новина што нема да им одговара на многу луѓе, а би можела и да се злоупотреби, е тоа што ќе се отвори телефонска линија на која играчите ќе можат анонимно да ги пријавуваат свои колеги, доколку забележат прекршување на веќе постојниот протокол. За многумина не е јасно или барем целосно не е објаснето, што ќе биде во вакви случаи, односно дали ќе се спроведат истраги, како ќе бидат казнети играчите и дали казнетите кошаркари ќе измислат обвиненија на сметка на противникот во следниот меч. Г.И.


 

Колман суспендиран за кршење на антидопинг-правилата

Единицата за атлетски интегритет (АИУ) привремено го суспендира светскиот првак на 100 метри, Американецот Кристијан Колман, за кршење на антидопинг-правилата, така што тој може да ги пропушти Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио идната година, пренесе Би-би-си.
Од асоцијацијата тврдат дека американскиот спринтер е суспендиран затоа што пропуштил три теста за допинг во последните 12 месеци, што според прописите може да резултира со едногодишна или двегодишна суспензија. Последен пат Колман пропуштил тестирање на 9 декември, а пред тоа и на 16 јануари и 26 април 2019 година.
– Никогаш нема да користам додатоци или лекови за подобрување на перформансите. Подготвен сум секој ден до крајот на мојата кариера да правам антидопинг-тестови, бидејќи сакам да ја докажам мојата невиност – напиша Колман на социјалните мрежи
Колман, кој е фаворит за олимпиското злато на трката на 100 метри во Токио, најави дека ќе се жали до АИУ, оти нема записник дека некој доаѓал кај него или го повикал. Тој рече дека бил на божиќен шопинг на 9 декември, обвинувајќи ги антидопинг-агентите за поставување стапица. Тој победи на 100 метри на Светското првенство (СП) во Доха минатиот септември со резултат 9,76 секунди, а освои и злато на штафетната трка 4х100 метри. Има и сребро на 100 метри од СП 2017 во Лондон. Та.Д.


Врвниот тенис се враќа на терените во август

Челниците на машката и на женската тениска асоцијација (АТП и ВТА) ги одредија датумите за продолжување на натпреварувањата во двете категории, по прекинот во март, како последица на пандемијата на коронавирусот. Жените ќе почнат на трети, а мажите на 14 август.
Првиот закажан турнир во машка конкуренција е во Вашингтон, што треба да почне на 14 август, а следен е мастерсот во Синсинати, како увертира за гранслемот САД опен во Њујорк закажан за 31 август. Додека 32 тенисери ќе се борат за титулата во втората недела на САД опен, преостанатите ќе имаат можност да играат на турнирот во Кицбил на земјени терени. Потоа следуваат мастерсите во Мадрид и во Рим, како претходница на Ролан Гарос, чиј почеток, пак, е предвиден за 27 септември.
Челниците на АТП истакнаа дека календарот би можел да претрпи промени доколку дојде до сериозно нарушување на здравствените и на безбедносните услови за тенисерите. Освен САД опен, преостанатите турнири е предвидено да се играат пред публика на трибините, но во значително помала бројка од капацитетот на арените.
Што се однесува до женските турнири, првото ВТА-натпреварување е закажано за трети август во Палермо. Заеднички со машкиот турнир ќе им биде САД опен, како и мастерс-турнирите во Мадрид и во Рим во септември. За октомври е планирано најдобрите светски тенисерки да се преселат во Азија, каде што би играле пет турнири, во Сеул, Пекинг, Вухан, Токио и во Гвангжу. Та.Д.