Спортски вести

132

ШАХ
Турнирот на кандидатите ќе продолжи во април

Турнирот на осумтемина кандидати за предизвикувач на актуелниот светски првак Магнус Карлсен ќе продолжи на 19 април, таму каде што и беше прекинат во рускиот град Екатеринбург, соопшти Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Турнирот, кој почна лани на 16 март, беше прекинат 11 дена подоцна, поради пандемијата на коронавирусот. Бидејќи веќе беа одиграни половина од предвидените 14 кола, прописите предвидуваат дека резултатите добиени дотогаш се важечки и не треба турнирот да се игра од почеток.
При прекинот, Французинот Максим Вашер-Леграв и Русинот Јан Непомнијашчи беа во водство со 4,5 поени од можните седум. Фабијано Каруана (САД), Аниш Гири (Холандија), Ванг Хао (Кина) и Александар Гришчук (Русија) имаат по 3,5, а Динг Лирен (Кина) и Кирил Алексенко (Русија) по 2,5 поени.
Предизвикувачот на Норвежанецот Карлсен треба да биде познат до 28 април, за кога е предвиден дополнителниот тајбрејк, но само доколку има потреба да се игра.
Турнирот на кандидатите во ваков формат (секој со секого по две партии), се игра од 1950 година како најдобар начин да се утврди кој треба да биде предизвикувач на шампионот. Мечот за светски првак (14 партии) треба да се одржи од 24 ноември до 16 декември годинава во Дубаи. Г.И.


НБА
Познати почетните петорки на олстар-натпреварот

Леброн Џејмс, Лука Дончиќ, Стеф Кари, Никола Јокиќ, Каваи Леонард од Западната конференција и Бредли Бил, Јанис Адетокунбо, Џоел Ембид, Кајри Ирвинг и Кевин Дурент од Источната конференција се официјалните петорки што ќе го започнат олстар-натпреварот во НБА, закажан за 7 март во Атланта, а кој секогаш претставува празник на кошарката во НБА, иако годинава поради ковид-19, со себе ќе носи и посебни мерки на претпазливост. Овие 10 кошаркари, всушност, собраа и најмногу гласови. Соиграчите на овие избрани петорки, кои почетокот на натпреварот ќе го гледаат од клупата, ќе бидат познати на 23 февруари.
За време на гласањето, навивачите можеа да гласаат еднаш во денот преку апликациите на НБА и НБА.ком, како и да гласаат за 10 индивидуални играчи дневно на Твитер. НБА-играчите и медиумите им се придружија во изборот. Навивачите собираат 50 отсто од гласовите, додека сите сегашни играчи и Комисијата за медиуми сочинуваат по 25 од гласовите. Играчите и медиумите исто така можеа да пополнат едно гласачко ливче и од Источната и од Западната конференција. Г.И.


ФУДБАЛ – ШПАНИЈА
Леванте подобар од лидерот Атлетико

Леванте, тимот за кој настапува македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди, направи изненадување совладувајќи го на гости во Мадрид, лидерот во шпанското првенство сезонава, Атлетико, со 2-0. Ова беше прва првенствена победа на Леванте кај Атлетико, наедно и прв пораз на домашен терен за тимот на тренерот Диего Симеоне од декември 2019 година. Атлетико и понатаму е на челната позиција со 55 бода, три повеќе од Реал Мадрид, кој одигра и еден натпревар повеќе. Леванте е на осмата позиција со 31 бод.
Бранителот на титулата, Реал Мадрид, триумфира на гости над Валјадолид, со 1-0, со голот на Каземиро, за него петти сезонава. Тренерот на „кралевите“, Зинедин Зидан, не можеше да смета на повредените Карим Бензема, на капитенот Серхио Рамос, Еден Азар, Марсело и на Дани Карвахал. Л.Д.


ГЕРМАНИЈА
Серијата на Ајнтрахт продолжува

Светскиот, европски и германски првак Баерн загуби на гостувањето кај Ајнтрахт Франкфурт, со 1-2, и ја пропушти шансата да се зацврсти на врвот на табелата во германската фудбалска Бундес-лига.
Ова е уште една голема победа на Ајнтрахт над 30-кратниот германски шампион, откако во ноември 2019-та триумфира во Франкфурт со 5-1, по што за тренер беше ангажиран Ханс-Дитер Флик. Ова беше деветта победа за Ајнтрахт на претходните 10 првенствени натпревари (има и едно реми), по која тимот е на делба на четвртата позиција со Волфсбург, со по 42 бода.
Голот за Баерн го постигна Роберт Левандовски, негов 26-ти гол сезонава по што е сѐ поблиску до рекордните 40 гола во Бундес-лигата на Герд Милер во сезоната 1971/72.
По триумфот на клупското Светското првенство во Катар, Баерн им се врати на домашните обврски, со ремито против Арминија, 3-3, по што следуваше и поразот од Ајнтрахт, трет сезонава за Баварците. Л.Д.