Спортски вести

35

ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Се предлага формирање „паричен фонд“ за заштита од идна криза

Спортскиот директор на германскиот фудбалски прволигаш Борусија Менхенгладбах, Макс Еберл, предложи формирање своевиден „паричен фонд“, како дел од процесот на лиценцирање на клубовите, објави германскиот дневен весник „Дие велт“ на својата интернет-страница.
– Ова значи дека секој клуб мора да биде во можност да покаже дека може да преживее ако нема приход за одреден временски период. Видовме колку брзо може да се појават финансиски тешкотии, затоа што вакво нешто не се очекуваше. Тоа може да биде лекција за иднината, ja пренесе „Дие велт“ изјавата на Еберл.


ФУДБАЛ

Без испаѓање ако не се доигра сезоната во Премиер-лигата?

Повеќето клубови што се во долниот дел табелата на англиската фудбалска Премиер-лига се залагаат да нема испаѓање доколку не заврши сезоната во услови на пандемија на коронавирусот. Прекинатата сезона во Премиер-лигата треба да продолжи на 17 јуни без публика, а 20-те клуба на состанокот на акционерите в четврток треба да гласаат што да прават ако не се доигра сезоната. Еден сопственик на клуб рече дека ќе гласа да нема испаѓање, иако Фудбалската асоцијација (ФА) таквата можност ја отфрли минатиот месец.
– Ќе гласаме да нема испаѓање од Лигата ако не заврши. сезоната Има повеќе клубови што размислуваат за истата работа – изјави за „Скај спорт“ неименуваниот клупски челник.
За такво нешто е потребна согласност од 14 клуба. Претседателот на Чемпионшип, Рик Пари, пак, се закани со правно дејство доколку нема испаѓање и влегување во Премиер-лигата, тврдејќи дека тоа ќе предизвика големо незадоволство. Л.Д.


ФОРМУЛА 1

И во Силверстон ќе се возат две трки

Формула 1 (Ф1) доби дозвола од Владата на Велика Британија летово да одржи две трки на патеката во Силверстон, објави „Би-би-си“. Планот е одложената сезона да почне со две трки во Австрија, на 5 и на 12 јули, а потоа треба да следува третата трка, во Унгарија на 19 јули. Двете трки на патеката во Силверстон би требало да се возат во почетокот на август, по што би требало да следуваат трките во Шпанија, Белгија и во Италија. Се очекува неделава Ф1 да го потврди европскиот дел од презакажаната сезона.
Трките ќе се одржуваат без публика, а екипите ќе треба да имаат минимален број оперативен персонал. Тие лица ќе бидат тестирани пред патувањата со чартер-авиони за да се осигури дека не се позитивни на вирусот и ќе се тестираат редовно додека се на настаните.
Екипите ќе бидат оддалечени едни од други и ќе престојуваат во различни хотели до кои ќе патуваат со автобус за да се минимизираат контактите со јавноста. Л.Д.