Спортски вести

193

ШАХ

ФИДЕ ќе обезбеди финансиска помош за отворените турнири

Пандемијата на ковид-19 влијаеше на многу важни сфери во шаховскиот живот, a онаа што најмногу страдаше се отворените турнири. Повеќето од овие настани се откажани во текот на 2020 година, а грижата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) е дека ако оваа ситуација не се подобри наскоро, многу од нив можеби никогаш нема да може да се обноват, пишува на сајтот на ФИДЕ. Со оглед на ова, ФИДЕ ја одобри иницијативата на Глобалната комисија за стратегија (ГСЦ), која се состои во тоа да се издвои сума од 100.000 евра за поддршка на одржување на отворени турнири во 2021 година.
Предност имаат традиционалните отворени турнири што се одржуваат најмалку три последователни години, ќе се применува географски критериум за да се зголемат земјите и регионите што ќе добијат поддршка итн. Пакетот помош наменет за еден турнир не треба да надминува 20 отсто од вкупниот буџет на турнирот (вклучувајќи ги сите трошоци) и ќе биде ограничен на максимум 15.000 евра по настан. Г.И.


Ливерпул по речиси четири години поразен на „Енфилд“

По 68 натпревари без пораз на стадионот „Енфилд“ во Премиер-лигата, Ливерпул загуби од Барнли, со 0-1, за кого тоа е прв триумф на тој стадион од 1974 година. Последниот пораз на Ливерпул во Лигата на негов терен беше пред речиси четири години, во април 2017 година, од Кристал палас, со 1-2.
Актуелниот шампион Ливерпул е надвор од форма, нема постигнато гол на четири натпревари, или 440 минути во лигата, првпат од мај 2000 година, и уште е без победа во 2021 година. Последниот триумф „црвените“ го забележаа на 19 декември, на гости, над Кристал палас, со 7-0, но оттогаш не победија и постигнаа само еден гол, против ВБА. Во минатата сезона, по 19 одиграни натпревари, „црвените“ беа на врвот со 55 бода, а сега имаат 21 помалку.
– Загубивме натпревар што мислев дека е речиси невозможно да се загуби. Морам да кажам дека не ми се верува дека загубивме, но тоа е вистината и мора да ја прифатиме. Вината за тоа е моја, затоа што моја работа е фудбалерите да се во вистинско расположение и да имаат самодоверба. Нашите одлуки во најважните моменти од играта не беа правилни, тоа е проблемот – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп. Л.Д.


Почнува разврската за пласман во четврт-финалето

РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЕГИПЕТ

Македонија утре игра со Белорусија во меч од третото коло на главната групна фаза

Селекцијата на Белорусија е последниот противник на Македонија (утре, 15.30 ч.) во главната фаза од натпреварувањето на ракометното Светско првенство (СП) во Египет. Македонските и белоруските ракометари досега не играле меѓу себе на светските првенства, а на европските првенства се сретнале трипати, од кои еднаш во групната фаза на ЕП 2016, во кој победата им припаднала на Белорусите (30-29), и двапати во претквалификациите за ЕП 1998, во кои еднаш победила Белорусија (33-24) и еднаш Македонија (33-22).
Белорусија го игра својот петти мундијал, од кој најдобриот пласман, деветто место, го има на СП 1995. Во првата групна фаза на СП во Египет, избраниците на Јури Шевцов ремизираа со Русија (32-32), победија на мечот со Ј. Кореја (32-24) и загубија од Словенија (29-25). Во главната рунда во првото коло ремизираа со Шведска (26-26). Најефикасен ракометар на Белорусија по четири меча беше десното крило Микита Валупов со 27 гола, а втор стрелец со 21 погодок беше пикерот Артем Каралек.
Синоќа во групите 3 и 4 се играа мечевите од 2. коло во главната рунда, а денеска на терен ќе бидат селекциите од групите 1 и 2, со кои почнува разврската за пласман во четврт-финалето, каде што ќе играат првопласираните две селекции од секоја од четирите групи. По првото коло во групата 1 водечки се Унгарија (шест бода) и Шпанија (пет), во групата 2 Данска (шест) и Хрватска (пет), во групата 3 Франција (шест), Португалија и Норвешка (по четири), а во групата 4 Шведска (пет), Египет и Словенија (по четири). Та.Д.

ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Уругвај – Шпанија 15.30 ч.
Катар – Бахреин 15.30 ч.
Полска – Унгарија 18 ч.
Аргентина – Хрватска 18 ч.
Германија – Бразил 20.30 ч.
Јапонија – Данска 20.30 ч.

ДВОЈКИ ЗА УТРЕ

Белорусија – Македонија 15.30 ч.
Алжир – Швајцарија 15.30 ч.
Исланд – Норвешка 18 ч.
Словенија – Египет 18 ч.
Португалија – Франција 20.30 ч.
Русија – Шведска 20.30 ч.