Спортски вести

45
Микел Хансен

ЕХФ ќе го избира тимот на сезоната

Иако натпреварувањето во ракометната Лига на шампионите (ЛШ) беше прекинато поради пандемијата на коронавирусот, Европската ракометна федерација (ЕХФ) сепак објави листа од 45 ракометари и пет тренери, кои ќе конкурираат во традиционалниот избор на олстар-тимот на сезоната.
Олстар-тимот ќе има 10 ракометари од кои седум стандардни играчи на секоја позиција, потоа најдобар дефанзивец, најдобар млад ракометар, предводени од најдобриот тренер за сезоната.
Доминантни во изборот на ЕХФ се германскиот првак Кил и унгарскиот Веспрем со по седум свои претставници, со шест ќе конкурира францускиот првак ПСЖ, а еден помалку има шпанскиот гигант Барселона. Македонските претставници во ЛШ, Вардар и Еурофарм имаат по еден претставник. Само Тимур Дибиров и Микел Хансен, кои беа дел од идеалниот тим минатата сезона, повторно се најдоа на листата номинирани и за оваа сезонава. Та.Д.


Италија сака да го одложи СП во алпско скијање

Поради актуелната пандемија на коронавирус низ светот, Светското првенство (СП) во алско скијање во познатиот италијански зимски центар Кортина д’Ампецо, би требало да се одложи за една година, односно истото тоа да се одржи во 2022-та.
Ова е тоа што Италијанците сакаат да ѝ го предложат на Светската скијачка федерација (ФИС), како што тоа неодамна и го изјави Џовани Малаго, претседателот на Националниот олимписки комитет на Италија (КОНИ).
Во насока на тоа, соодветна апликација ќе биде доставена до ФИС.
Светски куп (СК), пак, кој всушност беше планиран за февруари 2021 во Доломити (североисточна Италија), сега ќе се одржи во март 2022 година, набргу по завршувањето на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Кина.
– Прашањето не е како ќе ги одржиме натпреварите, туку како можеме сите да стигнеме безбедно тука, спортистите, тренерите, новинарите и навивачите. Затоа веруваме дека замената на СП во 2022 година е подобра варијанта. ЗОИ во Кина ќе се одржат во февруари, а во март и СК во Италија – рече Малаго за „Раи спорт“. Г.И.


Цермат ќе ја креира најдолгата патека за спуст

По минатонеделната објава на Скијачката федерација на Швајцарија дека еден од најпознатите скијачки центри, Венген, со патеката Лауберхорн од сезоната 2021/2022 повеќе нема да биде на календарот на Светскиот куп (СК), од федерацијата соопштија нов уникатен предлог.
Имено, станува збор за швајцарскиот скијачки центар Цермат, кој планира да ја креира најдолгата патека за спуст, која би имала должина од пет километри и истата таа би требало да влезе во календарот за 2022 година. Освен должината, уникатноста на патеката е тоа што стартот на трката ќе биде на Клајн Матерхорн во Швајцарија на надморска висина од 3.899 метри, а целта во италијанскиот скијачки центар Сервинија, кој се наоѓа на надморска висина од 2.814 метри.

Ова ќе биде прва трка во историјата во која скијачите во еден спуст ќе минат државна граница.
Лидерот на проектот, Франц Јулен, за швајцарскиот весник НЗЗ изјави дека нивниот проект не е судир или оспорување на традиционалниот машки спуст во Венген, а најави и дека веќе е започната изградба на ски-лифт од врвот на Клајн Матерхорн до падините на Сервинија, чија изградба треба да биде готова до есента 2021 година. Та.Д.