Спортистите ќе си ги задржат „визите“ за Игрите во 2021 година

29
Јоширо Мори

Досега 57 отсто од спортистите се квалификуваа за настап на ЛОИ и тоа ќе остане во сила, изјави портпаролот на ИОК за „УС тудеј“, Марк Адамс. Од Македонија настап во Токио досега обезбедија двајца спортисти, борачот Нуров и „златната“ стрелачка од ПОИ во Лондон 2012, Наковска-Бикова

Сите спортисти што веќе се квалификуваа за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио ќе си ги задржат местата за одложените Игри в година, соопшти Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), пренесува „Ројтерс“. ИОК и јапонските организатори на Игрите го одложија настанот што требаше да се одржи од 24 јули до 9 август, но потврдија дека тие што веќе ги обезбедија местата за настап меѓу 11.000 спортисти ќе си ги задржат. ИОК, исто така, рече дека бројот на натпреварувачи за секој спорт на Игрите ќе остане ист и во следната година.

– Досега 57 отсто од спортистите се квалификуваа за ЛОИ и тоа ќе остане во сила. Целта ни е да ги одржиме истите квоти за спортистите во сите спортови – изјави портпаролот на ИОК за „УС тудеј“, Марк Адамс.
Пандемијата на коронавирусот предизвика хаос во спортскиот распоред низ светот и придонесе за откажување многу олимписки квалификациски турнири во повеќе спортови. Спортистите, исто така, се ограничени само на редуцирани тренинзи поради ригорозните мерки за запирање на ширењето на вирусот. Одлуката за одложување значеше и олеснување на илјадници спортисти што имаа проблеми во подготовките во ситуација кога светот е во блокада и се справува со епидемијата од која настрадаа илјадници луѓе.

Македонија има двајца спортисти што веќе обезбедија „виза“ за настап на ЛОИ и на ПОИ. Тоа се борачот Магомедгаџи Нуров и „златната“ стрелачка од ПОИ во Лондон во 2012 година, Оливера Наковска-Бикова.
Македонскиот олимписки комитет (МОК) во минатите две и повеќе години стипендира десетина спортисти од т.н. „солидарен фонд“ на ИОК во нивните напори да обезбедат норма за настап на ЛОИ 2020. Најверојатно таквата помош од ИОК за спортистите за нивните подготовки и настапи на турнири ќе продолжи и во наредниот период, иако во моментов во МОК не знаат како, на кој начин и во кој обем (финансиски) ќе се одвива целата работа.

МОК неодамна аплицира до Трипартитна комисија на ИОК и за уште седуммина спортисти за добивање т.н. вајлд-карта за настап на Игрите. Тоа се Рејчел Стојанов (гимнастика), Ана Марија Георгиевска (таекводно), Пуликсенија Јованоска (карате) и Арбреша Реџепи (џудо) кај жените, односно Емил Павлов (карате), Дејан Георгиевски (таеквондо) и Борјан Бранковски (стрелаштво) кај мажите. Пред почетокот на ЛОИ требаше да биде познато кој од нив ќе добие вајлд-карта за настап без обезбедена олимписка норма. Има вкупно 104 места за кои конкурираат спортистите без норми, во индивидуалните спортови, од целиот свет.


Плаќањето на трошоците за одложување
на ЛОИ ќе биде „голем предизвик“

Претседателот на Организацискиот комитет (ОК) на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Јоширо Мори, им порача на меѓународните спортски федерации дека плаќањето на трошоците за одложување на Игрите за 2021 година ќе биде „голем предизвик“, пренесе „Ројтерс“.

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и јапонските организатори минатата недела ги одложија Игрите, кои требаше да почнат на 24 јули и да траат до 9 август. Според информациите, Јапонија инвестира 12,6 милијарди долари за Игрите, а претседателот на ИОК, Томас Бах, предупреди дека цената ќе се зголеми.
– Дополнителните трошоци што ќе произлезат од одложувањето се неизбежни. Треба да се одлучи кој ќе ги преземе тие трошоци и како ќе се стори тоа – напиша Мори во писмото упатено до 33 меѓународни федерации чии спортови се на програмата на Игрите во Токио.

Мори, исто така, апелира до сите да сторат што е можно повеќе Олимписките и Параолимписките игри во Токио следната година да покажат дека луѓето „триумфирале над коронавирусот“. ОК на Токио 2020 формира работна група за решавање на прашањата поврзани со одложувањето, меѓу кои се утврдување на датумите за ЛОИ и за ПОИ, како и обезбедување на спортските сали, стадиони и други борилишта.