Со онлајн-симултанки ќе се собираат пари за борба против коронавирусот

89
Вишванатан Ананд

Ова се многу тешки времиња и најважно е да се остане позитивен додека се седи дома, вели Ананд, кој в сабота ќе игра преку интернет заедно со индиските прваци во женска и во машка конкуренција (вкупно на 120 табли), против шахисти што ќе донираат пари за борба против коронавирусот и се со рејтинг помал од 2.000 поени

ШАХ – ИНДИЈА

Поранешниот светски првак во шах, Индиецот Вишванатан Ананд (50) и уште пет негови сонародници, в сабота ќе играат шах преку интернет со своите навивачи, а собраните парични средства ќе бидат наменети за борба против коронавирусот во Индија. Покрај Ананд (2.753 рејтинг-поени), ќе играат уште индиските прваци во женска и во машка конкуренција, Химпи Конеру (рејтинг 2.586), Пентала Харикришна (2.719), Башкаран Аџибан (2.659), Гујрати Видит (2.726) и Харика Дроновали (2.515).

– На 11 април индиските шахисти ќе се обидат преку веб-порталот chess.com, играјќи шах со своите навивачи, да соберат пари наменети за фондот основан за борба против пандемијата на коронавирусот во Индија – изјави за „Голф њуз“ велемајсторот (ВМ) Ананд, кој поради глобалните патни ограничувања, остана во Германија.
Тој што ќе игра против еден од четворицата силни индиски шахисти и две шахистки, ќе треба да уплати најмалку 25 долари, а за оние што ќе имаат привилегија да го сторат тоа со Ананд, минималната донација е 150 долари. Секој од нив ќе игра на 20 табли, а учесниците мора да имаат рејтинг помал од 2.000 поени.
– Ова се многу тешки времиња и најважно е да се остане позитивен додека се седи дома. Шахот е игра која ѝ помага на семејната врска и која може да се игра и на табла и преку интернет – вели најпознатиот индиски шахист.