Пред заминувањето на СП секогаш мораш да имаш желба и план до каде сакаш да стигнеш, а јас само знаев дека морам да дадам сѐ од себе, ако сакам успехот да стане неизбежен. И успеав во тоа, вели Ѓорѓиев

ИНТЕРВЈУ: ДИМИТАР ЃОРЃИЕВ, ЧЕТИРИКРАТЕН СВЕТСКИ ПРВАК ВО КИКБОКС

Блесна на Светското првенство (СП) во Лидо ди Јесоло, Италија, по четврти пат. Најдобриот македонски кикбоксер Димитар Ѓорѓиев (категорија до 81 кг) постигна огромен успех, освојувајќи нов златен медал во дисциплината лоу-кик, што претставува огромен успех за македонскиот кикбокс. А до својот четврти златен медал Ѓорѓиев (28) стигна откако ги совлада Италијанецот Давид Дано, Србинот Милош Даковиќ, во полуфиналето Бугаринот Никола Николов, а во финалето славеше над Никола Дробњак од БиХ, сите со по 3-0.
Ѓорѓиев до 2018 беше член на Гладијатор, а потоа во Скопје отвора сопствен клуб, Работнички Адора, за кој и сега се натпреварува.

Какво е чувството четврти пат да се искачите највисоко на победничкиот пиедестал и дали очекувавте и од ова Светско првенство да се вратите со златен медал?
– Чувството е прекрасно и уникатно, секако. Знаеш дека само неколку луѓе го почувствувале тоа и затоа уживаш во секој миг. Пред заминувањето на СП секогаш мораш да имаш желба и план до каде сакаш да стигнеш, а јас само знаев дека морам да дадам сѐ од себе, ако сакам успехот да стане неизбежен. И успеав во тоа.
Носител сте на четири злата од светските првенства. Дали и кој медал ви буди најдраги спомени?
– Вториот златен медал ми е најдраг, а го освоив во Турција во 2013 година, бидејки кога го освоив првото злато многу од моите познаници се обидоа да ми го деградираат постигнатиот резултат и да го поврзат со спортска среќа. Тоа многу ме повреди и затоа си реков дека морам да го повторам резултатот и да ги убедам тие што не веруваат во мене. Но искрено не очекував дека тоа ќе го сторам дури четири пати на СП.
Која беше причината да почнете да тренирате кикбокс и на колку години?
– Тоа се случи кога имав 14 години, кога почнав да тренирам во кикбокс-клубот Гладијатор од Неготино. Едноставно ми се допадна овој спорт уште од првиот тренинг, иако немав некоја сериозна причина зошто токму овој спорт. Едноставно ми беше многу интересно.
Ако кикбоксот стане олимписки спорт, може ли Ѓоргиев да тргне по стапките на таеквондистот Дејан Георгиевски и од летни олимписки игри да се врати со медал?
– Кикбоксот е веќе изгласан како олимписки спорт, чекаме само да се објават официјални информации кои дисциплини ќе бидат признаени за настап на ЛОИ. Дејан Георгиевски е прекрасен спортист и докажа дека Македонија може да се носи со сите и да освојува медали во боречките спортови. Доколку добијам шанса за настап на ЛОИ, ќе дадам сѐ од себе да донесам златен медал и од таму.
Колку е потребно да се вложи труд за да се собере ваква колекција медали?
– За мене е најдобро двапати дневно по еден и пол час тренинг. Но доколку некој би сакал да постигне врвен резултат, тоа треба да го прави 10 години во низа, па да очекува успеси.
Носител сте на мноштво медали. Која е вашата крајна цел, вашиот сон или можеби тој сон веќе го остваривте?
– Искрено, не ни очекував дека ќе си ги остварам моите спортски желби со овие медали од СП. Сега сѐ што сакам е да ги видам натпреварувачите од мојот клуб да ги надминат моите резултати. Многу повеќе се радувам на нивните успеси одколку на моите.
Што би им препорачале на младите спортисти што сакаат да тргнат по вашите стапки?
– Најбитно е во кој било спорт да уживаат во тренинзите, да бидат среќни што спортуваат, но никогаш да не почнуваат да се занимаваат професионално со спорт што не им одговара или не го сакаат. Секој е добар во некој спорт, само треба да го одбере соодветниот на кој ќе му посвети внимание.
Што треба, според вас, да се стори за кикбоксот во Македонија да биде уште попопуларен?
– Секако дека треба да им се даде поголема поддршка на клубовите, имаме многу посветени тренери, но немаме услови за тренинг и нормално е децата да бидат разочарани. Но тоа е проблем во сите спортови и потребно е време додека сето тоа целосно се надмине.
Каде ќе го видиме вашиот следен медал?
– На Олимписките игри. Но додека нема официјална објава за ЛОИ ќе одморам од турнирите, а медали очекувам од моите клупски колеги.


Колекционер на медали

Ѓорѓиев е вистински колекционер на медали, оти во неговата ризница можат да се видат мноштво медали. Тој е носител на златни медали од светските првенства во 2011, 2013, 2015 (дисциплина кик-лајт) и во 2021 година (лоу-кик), а во 2019 година освои бронза на Светското првенство, со што уште еднаш ја покажа својата висока класа во овој спорт. Тој, исто така, има и три медали од европските првенства, сребро во 2012 година, бронза во 2016-та и злато во 2018 година. Шампион на Македонија е од 2009 година до денес.


Честитки и од македонскиот конзул во Италија

Златниот медал што го освоив во Италија беше прекрасно прославен. Освен со репрезентативците и со стручниот штаб, нашата репрезентација ја посети и македонскиот конзул во Италија, Стојан Витанов, кој присуствуваше на чинот на доделување на медалите и кој потоа ми го честита успехот. Следниот ден тој повторно нѐ посети, организира пречек во конзулатот, а потоа организира и излет и ручек во Венеција каде што го прославивме медалот, вели македонскиот кикбоксер Димитар Ѓорѓиев.

[email protected]m.mk