Скратени викенди и трки и во јануари се можни решенија за сезоната во Ф1?

88

Првите осум трки годинава се откажани или се одложени поради пандемијата на коронавирусот

Скратување на тркачкиот викенд на два дена и сезона во Формула 1 што ќе се вози и во јануари следната година се меѓу радикалните решенија што се во игра за сезонава во овој спорт, според Матија Биното од Ферари, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“.

Првите осум трки годинава се откажани или се одложени поради пандемијата на коронавирусот. Главниот извршен директор на Ф1, Чејс Кери, инсистира дека спортот е посветен на тоа шампионатот да се одржи, со сезона што би почнала летово со ревидиран календар за 15 до 18 гранпри-трки, пишува весникот.
Трката за големата награда на Канада на 14 јуни е наведена како прва трка во моментов, но дури и ако тоа е можно, тогаш почнувањето толку доцна ќе остави ограничено време за другите трки и за одложените. Гранпри-викендите се состојат од три дена, и тоа два тренинга во петоците, тренинг и квалификации во саботите и трка во неделите.

– Имаме постојан дијалог. Чувствувам дека ова се клучни моменти. Во однос на распоредот, им дадовме на Кери и на ФИА слобода да го дефинираат календарот. Можеме да имаме и дводневни викенди, за да можеме да ги задоволиме логистичките потреби во случај гранпри-трките да бидат блиску – рекол Биното за „Скај спорт Италија“, пренесе „Гардијан“.

Потребни се најмалку осум трки за да има светско првенство. Тековниот календар завршува во Абу Даби, на 29 ноември, но Биното верува дека возењето трки и во 2021 година сега е остварлива опција.
– Ако ова ни овозможи да се гарантира поцелосно светско првенство во 2020 година, со следната сезона да не почне до март, има голема можност за тоа – рече тој на прашањето за продолжување на сезоната во следната година, пренесе „Гардијан“.


Тимови од Формула 1 ќе произведуваат респиратори

Седум екипи од Формула 1 со седиште во Велика Британија, почнаа проект наречен пит-бокс, со кој одговорија на повикот на Владата да се вклучат во производство медицинска опрема, а пред сѐ респиратори, кои се потребни во борбата против пандемијата на коронавирусот. Во проектот се вклучени Мерцедес, Мекларен, Ред Бул, Рено, Рејсинг Поинт, Хас и Вилијамс, нивните технолошки гранки, како и раководството на Ф1.

– Овој проект на Владата се однесува на три подрачја на работа и тие варираат од модификација на постојните медицински апарати, поддршка во зголемувањето на производството на распираторна опрема, до забрзана изградба на прототипови на нови апарати за лиценцирање и можно производство. Единствена способност на Ф1 е брзо да одговори на техничките и инженерски предизвици и да се надоврзе на досегашните инженерски одговори во индустријата – пишува во соопштението на Ф1.
На крајот во соопштението, се истакнува дека сите седум Ф1-екипи остануваат подготвени да учествуваат и во преостанатите подрачја што бараат брз иновативен технолошки одговор пред актуелната пандемија на коронавирусот.