Скопскиот маратон одложен за 4 октомври, првпат ќе има и виртуелна трка

118

Тие што нема да дојдат а сакале да учествуваат ќе трчаат самостојно во своите држави, а како доказ ќе ни испратат преку посебна апликација или линк дека ја истрчале предвидената трка во која било должина. За возврат, организаторот ќе им испрати маица и медал исто како да настапиле во Скопје, ни изјави директорот на скопскиот маратон, Кире Синадиновски

АТЛЕТИКА

Скопскиот атлетски маратон, кој беше планиран за 10 мај годинава, поради ширењето на коронавирусот е одложен за 4 октомври годинава, информира организаторот, Сојузот на спортови на Скопје (ССС).
Сите пријави на учесниците остануваат важечки и се префрлаат за новиот датум, а доколку некој од пријавените е спречен од кои било причини да настапи на новиот датум, понудени се три опции – промена на постојната регистрација на друго име за 4 октомври годинава, потоа откажување на регистрацијата за 2020-та и добивање бесплатна регистрација за 2021 година, откажување на регистрацијата за 2020-та и учество на виртуелна онлајн-трка 2020. Организаторите истакнуваат дека сите овие опции ќе биде можно да се реализираат заклучно до 31 јули годинава, преку порталот за регистрација www.smarttrace.club, a деталите ќе бидат објаснети во следните денови директно до секој учесник, со испраќање имејл-порака со конкретни упатства како да ја одбере посакуваната опција, доколку не е во можност да учествува на 4 октомври.

– Со оглед на тоа што многу учесници не ќе можат од многу причини да настапат на новиот датум, организаторот на Скопскиот маратон е во подготовки на посебна апликација или некој посебен линк, каде што учесниците што нема да дојдат а сакале да учествуваат ќе трчаат самостојно во своите држави, а како доказ ќе ни испратат преку посебната апликација или линк, дека ја истрчале предвидената трка во која било должина. За возврат, организаторот ќе им испрати маица и медал, исто како да настапиле во Скопје.

Секако, бидејќи постои опасност да бидат пратени лажни линкови, според постигнатите резултати ќе биде формирана т.н. информативна виртуелна ранг-листа, колку да ги испочитуваме тркачите што не можеле да дојдат а сакале, додека меродавни ќе бидат само официјалните резултати на тие што ќе се натпреваруваат по улиците во Скопје – изјави директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски.
Пријавувањето за годинашниот, 16-ти по ред Скопски маратон останува отворено до 15 септември 2020 година.