Септемврискиот Ролан Гарос ќе се игра без публика?

112

ТЕНИС

Отвореното првенство на Франција во тенис, гранслем-турнирот Ролан Гарос, кој од мај е одложен за септември, би можел да се одржи без публика, соопштија организаторите. Ролан Гарос требаше да се одржи од 24 мај до 7 јуни, но поради пандемијата на коронавирусот, Француската тениска федерација (ФФТ) го презакажа од 20 септември до 4 октомври. Минатата недела ФФТ соопшти дека сите купени билети за годинашниот турнир ќе бидат откажани, а трошоците надоместени.

– Организирање на турнирот без публика ќе овозможи дел од економијата „да се врти“, како што се ТВ-правата и партнерските договори. Но не отфрламе ниту една опција, па и турнир без гледачи – изјави претседателот на ФФТ, Бернар Гудичели, за францускиот весник „Ле журнал ди диманш“, додавајќи дека е можно турнирот да се помести за една недела подоцна, од 27 септември.

Тениската сезона беше прекината во почетокот на март и тоа ќе потрае барем до средината на јули. Покрај Ролан Гарос, откажан е и турнирот во Вимблдон, кој требаше да се одржи во јуни и во јули, а статусот на САД опен во Њујорк, кој треба да се одржи на крајот од август, уште е нејасен.

Иако има доста време до јануари 2021 година, организаторите на Австралија опен во Мелбурн размислуваат за повеќе сценарија доколку не се подобри ситуацијата со коронавирусот. Опциите се одложување, играње без публика, па дури и откажување на турнирот.