Седум рекорди што можат да бидат соборени годинава во Ф1

55

Сезонава во Формула 1, која по тримесечно одложување почнува в недела со трката во Австрија, може да донесе неколку нови рекорди, како на пример во победи, титули во низа, завршени трки со освоени бодови, стартови…

В НЕДЕЛА ПОЧНУВА ЈУБИЛЕЈНАТА 70-ТА СЕЗОНА

Трките во Формула 1 конечно се враќаат в недела по долго одложување поради пандемијата на коронавирусот. Досега има осум потврдени трки на календарот, се очекува повеќе да се следат, а сезоната почнува со трката во Австрија, на патеката Шпилберг. Следува сезона во Ф1 во која може да бидат соборени неколку рекорди, објави Ф1 на својата интернет-страница.

ВКУПНО ПОБЕДИ: Луис Хамилтон има само седум победи помалку во трката за рекордот на Германецот Михаел Шумахер, кој има 91. Британецот е единствениот возач во историјата што постигнал најмалку една победа во секоја сезона во која се натпреварувал. Хамилтон би можел да го собори рекордот на 6 септември, ако победи на сите досега закажани трки.

ТИТУЛИ ВО НИЗА ЗА КОНСТРУКТОРИ: Мерцедес веќе се израмни со Ферари на оваа листа, откако минатата година ја освои својата шеста титула во низа меѓу конструкторите. Ако освои уште еден трофеј, Мерцедес ќе стане првиот производител на мотори што снабдува седум последователни првенства на возачите, откако Форд-Косворт го направи тоа од 1968 до 1974 година.

НАЈМЛАД ПРВАК: Најмладиот победник на Ферари во една трка, Чарлс Леклерк, или најмладиот победник воопшто на една трка, Макс Ферстапен од Ред бул, може да стане најмладиот шампион во историјата на Ф1. Кој било од овие 22-годишници може да го собори рекордот на Себастијан Фетел, поставен кога стана светски првак за Ред бул со 23 години и 134 дена во 2010 година.

ЗАВРШЕНИ ТРКИ СО ОСВОЕНИ БОДОВИ: Шумахер освојуваше бодови на 221 трка од 1992 до 2008 година, а Хамилтон и Кими Раиконен се на само осум такви трки зад рекордот. Што се однесува до завршувањето последователни трки со освоени бодови, Хамилтон веќе го држи тој рекорд, со 33 трки едноподруго од трката во Јапонија во 2016 година до таа во Франција во 2018 година и потоа од трката во Велика Британија во 2018 година досега.

СТАРТОВИ: Со 322 старта, Рубенс Барикело е рекордер, со трките од 1993 до 2011 година, но Раиконен има 312. Финецот би можел да го собори рекордот сезонава, ако бидат закажани уште барем три трки од актуелните осум.

ПОБЕДИ СО ВОДСТВО ВО СЕКОЈ КРУГ: Аиртон Сена водеше во секој круг во 19 од неговите 41 победа во Ф1, а 19 има и Хамилтон. Рекордот на т.н. гранслем (возачот има пол-позиција, најбрз круг и води во секој круг до победата) го држи Британецот Џим Кларк со осум (Хамилтон има шест).

НАЈМНОГУ ПЛАСМАНИ МЕЃУ ПРВИТЕ ТРОЈЦА: Луис Хамилтон има само четири подиуми помалку од рекордот на Михаел Шумахер од 155 подиуми (од 308 старта), од само 250 старта.

ПОЛ-ПОЗИЦИИ НА ИСТА ТРКА: Ако Хамилтон ја освоеше пол-позицијата во Австралија, тоа ќе беше рекорден деветти пат на таа трка, со што ќе го собореше рекордот што заеднички го имаат тој, Сена и Шумахер. Но ќе мора да почекаме до следната година за да видиме дали Хамилтон може да го собори тој рекорд, откако годинава нема да има Ф1-трка во Австралија.