Седумте куршуми во грбот на Џејкоб Блејк го обединија американскиот спорт во бојкот

371

Со бојкотот во американските тимски спортови стана извесно дека скапо платените спортски ѕвезди веќе не настапуваат исклучиво за туѓа забава. Бојкотот на плејофот во НБА-лигата предводен од кошаркарите на Милвоки бакс во средата резултираше со откажување на три НБА натпревари истиот ден, а ефектот потоа се прошири низ американскиот спорт. Кошаркарите јасно го искажаа ставот дека спортот веќе нема да служи како лек во тешките времиња, односно како пријатно одвлекување на вниманието од проблемите. 

Откако Колин Каперник клекна на едно колено за време на интонирањето на американската химна пред меч во НФЛ-лигата во американски фудбал во 2016 година, во знак на протест против полициската бруталност, и особено во изминатите неколку месеци по убиствата на Џорџ Флојд, Бриона Тејлор и Ахмад Арбери, спортските ѕвезди постојано велеа дека „пред се, се луѓе, а потоа спортисти“, што и го докажаа во средата, заземајќи цврст став, како никогаш досега. 

Во историското обединување на американските професионални спортови, играчите во НБА, ВНБА, МЛБ-лигата во бејзбол, фудбалската МЛС-лига, a подоцна и во НХЛ-лигата во хокеј на мраз, одбија да ги играат мечевите поради инцидентот во кој дваесет и деветгодишниот Афроамериканец Џејкоб Блејк беше застрелан седум пати во грбот од страна на полицијата во Кеноша, во американската сојузна држава Висконсин, во неделата.

Кошаркарите на Милвоки Бакс чија арена се наоѓа на околу 50 километри од Кеноша, не излегоа на паркетот на петтиот меч против Орландо меџик, од првата рунда на плејофот во Источната конференција. Набргу беше јасно дека таа средба, како и следните две што требаа да се играат во спортскиот комплекс на Дизни, на Флорида, се откажани во знак на протест. Набргу кон бојкотот се приклучија и бејзбол екипите Милвоки бруерс и Синсинати редс, а потоа и други клубови од тимските спортови. Згора, кошаркарите на ривалите од Лос Анџелес, лејкерс и клиперс, предлагаа сезоната во НБА да не се доигра.

НБА-плејофот, сепак, ќе продолжи денеска, откако раководството на лигата и кошаркарите се договорија за спроведување на обврски што го смирија незадоволството по дводневниот бојкот. Кошаркарите добија поддршка од НБА-комесарот Адам Силвер и водечките луѓе на лигата кои се обврзаа дека ќе ги унапредат напорите за социјална правда.

Но Џејкоб Блејк ја води својата борба за правда и додека закрепнува од повредите. Недолго откако ги ослободија неговите раце од лисиците со кои беше врзан за болничкиот кревет, полицискиот синдикат на Кеноша го обвини дека држел полицаец во клинч пред да биде застрелан. Згора, тие тврдат дека Блејк имал нож кој одбивал да го фрли по наредба на полицајците. За адвокатите на застреланиот Афроамериканец, обвинувањата претставуваат тактика на полицијата чија цел е да ги оправда постапките на своите службеници. Блејк беше застрелан седум пати во грбот од страна на бел полицаец, при обидот за негово апсење, со што властите досега не соопштија детали за случајот додека истрагата е во тек. Блејк остана парализиран и неизвесно е дали повторно ќе прооди.

„Њујорк тајмс“ пишува дека тишината предизвикана од неодигрувањето на спортските мечеви испратила моќна порака од спортистите кои бараат расна правда, откако клечењето и слоганите на дресовите навидум ја загубиле моќта, поставувајќи преседан за идните спортски протести.

Плејофот во НБА ќе продолжи вечерва со дуелот помеѓу Милвоки бакс и Орландо меџик (од 21.30 часот), со чие одложување почна бојкототот.