САД ќе освојат најмногу медали на ЛОИ 2020!?

59
Гимнастичарката Симона Бајлс освои четири злата во Рио 2016 година

Тоа се предвидувањата на „Грејснот спорт“, компанијата што се занимава со спортска аналитика и која пред три години, за ЛОИ 2016 во Рио, точно го одреди редоследот на првите три земји според бројот на освоени медали

САД би освоиле најмногу медали на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио. Тоа е прогнозата на компанијата „Грејснот спорт“, која се занимава со статистичка анализа на спортските лиги низ светот, на една година пред почетокот на ЛОИ 2020 (од 24 јули до 8 август). Сајмон Глив, главниот раководител на „Грејснот“, вели дека, според неговиот модел, САД ќе освојат 126 медали, од кои 51 златен, 34 сребрени и 41 бронзен.

Кина е на второто место, со 38 златни, или вкупно 81 медал. Домаќинот на Игрите, Јапонија, е трета на таа прогнозерска листа, што е одличен успех за земја со многу помал број жители од Кина или од САД. Предвидувањата се дека Јапонија ќе освои 29 златни медали, вкупно 67, и ќе ја искористи „предноста на домашен терен“, како и речиси секоја земја-домаќин во минатото. Шпанија, на пример, освои голем број медали во Барселона во 1992 година, Кина во Пекинг во 2008-та, како и Велика Британија во Лондон во 2012 година.
Следните седум земји, според бројот на освоени медали, се Русија (65), Велика Британија (43), Австралија (43), Франција (41), Германија (38), Холандија (34) и Италија (32).

Ова е петта ваква прогноза на „Грејснот“, а бројките се солидни.
– Понекогаш земјите ги надминуваат очекувањата или пак потфрлаат, но тоа не се однесува на нашиот модел. Тоа се случува само во спортот – вели гордо Глив.
Пред три години, за ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро, „Грејснот“ точно го одреди редоследот на првите три земји според бројот на освоени медали, односно погоди осум од 10-те најуспешни земји. На Зимските олимписки игри (ЗОИ) 2018 во Пјонгчанг точно ја посочи Норвешка како земја што ќе освои рекорден број медали, пред Германија. Исто така, правилно ги избра и првите четири земји.

Русија претставува најголем проблем за прогнозерите, бидејќи атлетичарите и натаму се под суспензија за настап во Токио поради допинг-скандалот. Светската атлетска асоцијација (ИААФ) ѝ изрече забрана на Руската атлетска федерација уште во 2015 година. Вкупниот број освоени медали на Русија во Токио ќе зависи од повеќе работи.
– Доколку пред ЛОИ 2020 на Русија ѝ биде симната забраната, тоа сигурно ќе предизвика некои промени – изјави Глив за медалските предвидувања.

Според процените, односно прогнозите, Велика Британија, која на последните две ЛОИ беше меѓу првите три најуспешни земји според освоените медали, ќе падне на таа листа. Велика Британија и Австралија би требало да се борат за место меѓу првите пет земји, а се очекува Холандија да го надмине рекордниот број освоени медали, вкупно 25, од Сиднеј 2000, и во Токио да освои 34.
Натаму прогнозите велат дека Јужна Кореја ќе освои 30, Унгарија 27, Канада 25, Кенија 20, Шпанија 20, Нов Зеланд 18, Украина 16, Бразил 15, Полска 14 и Турција 14 медали.

Спортистите од Македонија ги нема никаде на ваквите листи, јасно, поради слабите резултати на минатите ЛОИ. Последниот и единствен медал, бронзен, го освои борачот Могамед Ибрагимов, во Сиднеј 2000. Оттогаш не само што не е освоен медал туку се нема случено (исклучок е само кајакарот Атанас Николовски во Пекинг 2008), спортиста од Македонија на некои игри да настапи со исполнета А или Б-олимписка норма. Сите настапи на македонските спортисти, во Атина 2004, Лондон 2012 и во Рио 2016, беа симболични, односно со специјална покана, т.н. вајлд-карта од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).