Русинот Артемиев води по 11-то коло на ЕП во брз шах во Скопје

176
Владислав Артемиев

Рускиот велемајстор (ВМ) Владислав Артемиев (2.825 рејтинг-поени), води после 11-то коло (од предвидените 22) на 31. Европско поединечно првенство (ЕП) во брз шах, што се одржува во хотелот „Александар палас“, во Скопје, во конкуренција на 324 шахисти (61 ВМ, 3 ЖВМ, 49 ИМ, 10 ЖИМ…) од 37 држави.

По денешните 11 кола, Артемиев, кој е и рангиран прв на ова ЕП, има 9,5 поени, втор е шпанскиот ВМ Иван Салгадо (2.515, рангиран 47-ми), исто така со 9,5 поени, но со послаб дополнителен критериум, трет е чешкиот ВМ Давид Навара (2.707, рангиран 4-ти) со 9 поени, колку што има и четвртопласираниот ИМ од Русија, Сергеј Лобанов (2.434, рангиран 72-ри).

Засега најуспешен македонски шахист (од вкупно 72 пријавени), е ИМ Дејан Стојановски (2.481, рангиран 55-ти), кој со 8 поени е на 18-то место

Според распоредот, утре (11 ч.) ќе се одиграат преостанатите 11 кола (темпо на размислување од двапати по три минути, плус две секунди по секој одигран потег, почнувајќи од првиот), за награден фонд од 12.050 евра (победникот ќе добие 2.000), по што ќе биде познат новиот европски првак.

В сабота и недела, пак, ќе се игра ЕП во забрзан шах во 13 кола (двапати по 15 минути, плус 10 секунди), за награден фонд од 21.950 евра (за шампионот 4.000 евра). Г.И.