Русиниот Колеников со три злата на ЕП во пливање

156

Младиот, 18-годишен Русин, Климент Колесников го освои и третиот златен медал на Европското првенство (ЕП) во пливање во Глазгов, Шкотска, во дисциплината 100 метри грбно, испливувајќи ја делницата за 52,53 секунди. Ова постигнување е најдобро време во светот годинава, зад она на Американецот Рајан Марфи (52,51), кој е и светски рекордер со време од 51,85 секунда, поставено на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2016 во Рио.

Претходно, Колесников триумфира и на пократката делница во оваа дисциплина, на 50 метри грбно, со време на нов светски рекорд од 24 секунди, подобро за четири стотинки од времето на Британецот Лиам Танкок, на Светското првенство (СП) 2009 во Рим.
Третото злато на ЕП Колесников го освои во штафетната трка, на 4х100 метри слободно.

Ланското СП во Будимпешта беше првото поголемо натпреварување за Колесников на кое беше четврти на 200 метри грбно, но успеа да собори и два јуниорски светски рекорда, на 100 и на 200 метри грбно.
Но иако е очигледно дека е воодушевен од досегашните постигнувања, младиот Русин размислува за иднината.

– Големата цел ми се ЛОИ 2020 во Токио. Ова што го направив тука не е ништо посебно, главни се Олимписките игри – изјави Колесников.


Поп Ацев нема да настапи!

Иако беше планирано и најавено најдобриот македонски пливач на долги патеки, Евгениј Поп Ацев, нема да настапи на денешната трка на 10 км на ЕП во Глазгов, на езерото Ломонд.

Поп Ацев бил пријавен, но го нема на стартната листа на која се 38 пливачи, поради, како што ни објасни Александар Маленко, претседателот на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), неисполнетата норма. Доведен во прашање е и настапот на Поп Ацев на делницата од 25 км в недела поради истите причини. Дали ќе плива или не ќе се знае денеска, најдоцна до 14 часот.