Рекордерот Ѓоковиќ го зголеми водството во освоени големи трофеи

293

На Ѓоковиќ, кој сега има рекордни 58 големи трофеи (гранслеми, местерси и АТП-финалиња), му требаат најмалку настапи, 3,3, за да освои голем турнир, во споредба со Надал (3,4 турнири за вкупно 55 големи титули) и со Федерер (4,4 за вкупно 54)

ТЕНИС – ПО ТИТУЛАТА НА МАСТЕРС-ТУРНИРОТ ВО РИМ

Светскиот тениски рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, ја зголеми својата колекција титули од големите турнири, откако триумфира на АТП мастерс-турнирот во Рим од серијата 1.000, освојувајќи го рекордниот 36-ти трофеј во таа категорија. За него тоа беше и петта титула на турнирот во италијанскиот главен град.
Со победата со 7-5 и 6-3 над Аргентинецот Диего Шварцман во финалето, Ѓоковиќ сега има вкупно 58 големи титули, што е предност од три пред Шпанецот Рафаел Надал (55 трофеи), кого го надмина и според бројот на освоени пехари на мастерс-серијата 1.000 и четири повеќе од третопласираниот, Швајцарецот Роже Федерер (54 титули).
За „голема титула“ се сметаат трофеите на гранслем-турнирите, потоа финалето на АТП, турнирите од серијата мастерс 1.000 или златен медал од летни олимписки игри во поединечна конкуренција.

Ѓоковиќ во својата колекција има 17 гранслем-шампионати, пет АТП-финалиња и 36 мастерс-турнири, и во просек една „голема титула“ освојува на секои 3,3 одиграни турнири (58 од 191 настан), објави АТП на својата интернет-страница. Од почетокот на 2019 година, Ѓоковиќ освои три гранслема и четири мастерс-титули од серијата 1.000.
На 33-годишниот Надал му се потребни 3,4 настапи за една голема титула (55 од 187 настани), а на Федерер (39), пак, му биле потребни 4,4 настапи на турнири за една голема титула (54 од 237).

Победата на Ѓоковиќ во финалето во Рим му го донесе вкупно 81-от трофеј и е на петтото место на вечната листа според бројот на триумфи на турнири. На оваа листа пред Ѓоковиќ се Џими Конорс (109 титули), Федерер (103), Иван Лендл (94) и Надал (85 титули). 


ТРОФЕИ ОД ГОЛЕМИ ТУРНИРИ

НОВАК ЃОКОВИЌ
гранслем-титули 17
АТП-финалиња 5
мастерс-турнири 36
ВКУПНО 58
потребни турнири
за еден трофеј 3,3

РАФАЕЛ НАДАЛ
гранслем-титули 19
АТП-финалиња 1
мастерс-турнири 35
ВКУПНО 55
потребни турнири
за еден трофеј 3,4

РОЖЕ ФЕДЕРЕР
гранслем-титули 20
АТП-финалиња 6
мастерс-турнири 28
ВКУПНО 54
потребни турнири
за еден трофеј 4,4

Извор: АТП