Раџабов се повлече од Турнирот на кандидатите, ќе го замени Вашер-Лаграв

95
Раџабов и Вашер-Лаграв

Вашер-Лаграв ќе биде замена за Раџабов, бидејќи тој има највисок просечен рејтинг, од февруари 2019 до јануари 2020 година

Азербејџанскиот велемајстор (ВМ) Тимур Раџабов ќе биде заменет со Французинот Максим Вашер-Лаграв на Турнирот за кандидати за предизвикувач на светскиот првак, кој треба да се одигра од 15 март до 5 април во Екатеринбург, Русија.

Раџабов веќе ја информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за својата одлука, за која истакна дека подоцна ќе ја образложи. Азербејџанецот се квалификува за овој турнир откако победи на Светскиот куп (СК) во 2019 година, кој се одржа во Канти-Мансиск, Русија. Раџабов ќе биде заменет според членот 2.1. Е од прописите за турнирот, кој гласи: „Едно место е резервирано за играч со најголем просечен рејтинг на ФИДЕ. Заради одлучување во квалификациите, се користи просечен рејтинг од 12 листи за стандардни рангирања на ФИДЕ, односно од февруари 2019 до јануари 2020 година“.

Вашер-Лаграв ќе биде замена за Раџабов, бидејќи тој има највисок просечен рејтинг во споменатиот период. Французинот веќе е информиран и тој е подготвен да учествува на турнирот.
– Максим е многу среќен. Конечно го игра овој турнир, на кој порано за малку не успеваше да се пласира. Знам дека би сакал да се квалификува на „нормален“ начин, но така е тоа. Сепак, факт е дека тој мора да се фокусира на неговата подготовка, додека има уште многу прашања што чекаат, како на пример патувањето, визата, коронавирусот, а тоа треба да се реши што побрзо – изјави менаџерот на Раџабов, Лорен Верат.

Други кандидати што ќе настапат на турнирот се: Динг Лирен (Кина), Хао Ванг (Кина), Кирил Алексенко (Русија), Фабијано Каруана (САД) Аниш Гири (Холандија), Александар Гришчук (Русија), Јан Непомнијашчи (Русија).