Ракометарките беа на чекор до бронзата

169
Македонските ракометарки во Тарагона

Во борба за третото место Македонија минимално загуби од Словенија со 29-30. Лука Заложник осми на коњичките натпревари, а Дарио Ивановски 10-ти во атлетската трка на 1.500 метри

Зоран Михајлов
специјално од Тарагона за „Нова Македонија“


Од завршните настапи на македонските репрезентативци на Медитеранските игри (МИ) во Тарагона, Шпанија, може да бидеме задоволни, освен што остана тагата за неосвоениот бронзен медал на македонскиот женски ракометен состав.
Избраничките на селекторот Симе Симовски беа на прагот да станат прв македонски состав во екипните спортови со медал од МИ. Но и покрај желбата и големото залагање во мечот за третото место против Словенија, сепак девојките не успеаја да стигнат до бронзениот медал иако и четвртото место е голем успех. Едноставно бронзата се „стопи“ кон 40-та минута од средбата, кога првпат жолто-црвените имаа предност од три гола (23-20), но не успеаја да ја зачуваат или да ја зголемат. Причина за тоа беше промената на одбранбената тактика на Словенките, кои почнаа да играат одбрана 3-2-1, а тоа ги изненади македонските ракометарки, кои потоа почнаа да комбинираат далеку од девет метри. Во таква ситуација тие изгледаа малку збунето, па селекторот Симовски побара тајмаут.
– Морав тоа да го сторам. Видов дека нешто не оди. Но и советите не помогнаа. Во тие моменти најубаво се виде колку недостигаше нашата капитенка Елена Ѓорѓиевска. Доколку таа не се повредеше во полуфиналето (скинати мускулни влакна во рамениот појас), сѐ ќе беше поинаку – изјави по мечот македонскиот селектор.
По тајмаутот дојде до стабилизација на играта, за повторно Словенките да земат залет и финишот да го дочекаат со три гола предност (30-27). На три минути до крајот нашите девојки почнаа да го бркаат резултатот, но успеаја да постигнат само уште два гола. Словенките успешно се бранеа и дојдоа до толку посакуваниот бронзен медал.
Головите за Македонија ги постигнаа: Сара Ристовска 7, Душица Ѓорѓиевска 6, Јована Саздовска 5, Ивана Гакидова, Леонида Гичевска и Теодора Керамичиева по три, Наташа Нолевска и Александра Боризовска по 1. Кај Словенките најефикасна беше незапирливата Станко со 12 погодоци.
Победник на турнирот е селекцијата Шпанија, која во финалето ја совлада Црна Гора со 27-23.

ЗАЛОЖНИК ОСМИ НА КОЊИЧКИОТ НАТПРЕВАР
Некако во сенка на другите наши натпреварувачи беше настапот на натурализираниот Македонец, со словенечки пасош, Лука Заложник, оти коњичките натпревари во кои тој настапуваше, за жал, кај нас не се толку атрактивни како во светот. Токму во овој спорт Заложник во Тарагона постигна голем успех со пласманот на осмото место во конкуренција на 46 натпреварувачи, меѓу кои беа и претставниците на светските велесили Франција, Шпанија, Португалија, Италија, Египет и Тунис.
– Уште во квалификациите почувствував дека ќе имам убави шанси за висок пласман. Во финалето тоа се оствари и на крајот бев осми. Среќен сум што со овој резултат сум најуспешниот јавач од балканските простори, воопшто досега на МИ – вели Заложник.
Треба да се истакне дека Заложник настапува за Македонија три години и насекаде каде што оди, тој сам си ги покрива трошоците за себе, за грлото „Куп ди Руе“ и за екипата (еден Бразилец и еден Мексиканец), благодарејќи на помошта од сопственичката на коњот, Нина Зидар-Клеменчиќ.
– Можеби не знаете, но Лука на годинашниве настапи имаше победи во Сан Ремо, Виена, Баболно и Шамарин и насекаде се интонираше македонската химна. Ова треба да се цени и почитува, но, за жал, од Македонија не добиваме такви сигнали. За средства и да не зборувам, a, овој спорт е многу скап оти само еден настап не чини околу 5.000 евра – нагласува Клеменчиќ.
По нашата средба и натпреварите во Ројал поло клубот во Барселона, таа и Лука заминаа да го подготват коњот за транспорт кон Словенија и сето тоа на нивна сметка. Затоа, Заложник и Клеменчиќ треба да ја имаат сета почит од нашата не само спортска, туку и пошироко македонска јавност.
– Единствено што добивам од Македонија, е што ме пријавува за меѓународните настапи, додека јас многу правам за афирмацијата на земјата. Погледнете ги Словенците колку се тажни што ме немаат во нивниот тим – ни рече при разделбата Заложник.
Заложник до доаѓањето да ги брани боите на Македонија, 10 десет пати беше шампион на Словенија.

ОДЛИЧНА ТРКА НА ДАРИО ИВАНОВСКИ
Појавата на Дарио Ивановски е вистинско освежување во македонската атлетика. Ова скромно 20-годишно момче, кое најмногу е познато по успесите на полумаратоните, блесна и на патеката. Тој стана третиот Македонец што учествувал во едно финале на атлетските натпревари на МИ. Пред него тоа им успеа на Елизабета Божиновска во Сплит 1979 и на Марина Михајлова-Дамчевска, осум години подоцна во Латакија (Сирија). Двете се вратија со медали од тие настапи.
Ивановски во Тарагона имаше две прекрасни трки на 1.500 метри. Најнапред во полуфиналето го постигна својот најдобар резултат, а за во финалната трка да го подобри и да мине низ целта како 10-ти.
– Среќен сум, не можам да поверувам дека 1.500 метри ги истрчав за 3:47,13 минути. Ова е ветувачки резултат за мене, сега ми останува да продолжам да тренирам и да го подобрувам моето време – задоволно изјави Ивановски.
Ивановски имаше една пеколна конкуренција оти да не заборавиме дека медитеранските земји се познати по тркачите на средни патеки, на кои имале светски и олимписки шампиони. Покрај Шпанците, кои своевремено го имаа олимпискиот првак Фермин Качо, тука се и елитните тркачи од Алжир и Мароко. Овде победи Браим Казузи од Мароко, кој е редовен учесник на најсилните светски митинзи, како оние од Дијамантската лига.
МИ во Тарагона завршија вчера.


Најуспешни МИ за Македонија

Македонската медитеранска експедиција заврши на 17-то место од 26 држави-учеснички на Медитеранските игри во Тарагона, според бројот на освоените медали. На претходните игри во Мерсин (Турција), Македонија освои едно сребро и четири бронзи и беше пласирана на 19-то место од 24 држави.
Во Тарагона македонските спортисти освоија шест медали, од кои две златни (каратистот Берат Јакупи и борачот Магомедгаџи Нуров), едно сребрено (теквондистот Дејан Георгиевски) и три бронзени (каратистите Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски, како и борачот Дејан Митров), доволни за 17-та позиција.
На листата убедливо е прва Италија со 155 медали, од кои 55 златни, 55 сребрени и 45 бронзени. Зад неа е домаќинот Шпанија со 120 медали (38-39-43), трета е Турција со 95 (31-24-39), четврта е Франција со 99 (28-31-40), додека петти е Египет со 45 (18-11-16). Од балканските селекции, најдобра е Турција, а следуваат Грција со 45, Србија со 31 и Хрватска со 15 медали.
Зад Македонија на листата медалисти останаа, Сан Марино, БиХ, Албанија, Црна Гора, Монако, Либан, Малта, Андора и Либија.
Со синоќешните финални мечеви во ракомет, одбојка и ватерполо во машка конкуренција, се спушти завесата на годинашниве 18-ти едноподруго Медитерански игри во Тарагона. Та.Д.


Алжир домаќин на МИ во 2021 година

Комитетот на Медитеранските игри донесе одлука следната средба на спортистите од Медитеранот да се одржи во Алжир во 2021 година. Ова ќе биде втора организација на Игрите во главниот град на Алжир, кој беше домаќин и во далечната 1975 година. Тогаш во составот на поранешната држава имаше десетина спортисти од Македонија.