Раиконен незадоволен од однесувањето на навивачите на Ферари

59

Возачот на Ферари Кими Раиконен изјави дека не го разбира однесувањето на навивачите кои, по завршувањето на трката за Големата награда на Италија, го исвиркаа победникот Луис Хамилтон.

Британскиот возач и неговиот клупски колега од Мерцедес, Валтери Ботас, беа цел на незадоволството на приврзаниците на Ферари, откако Хамилтон стигна до четвртиот триумф во изминатите пет години на патеката во Монца.

Раиконен заврши на второто место на домашната патека на неговиот тим, но упати критики кон навивачите.

– Тоа не беше убаво и не би требало да се случува. Меѓутоа, тоа не е моја одлука и се случи. Таков е животот, но сепак е грдо, истакна Раиконен.

Ферари нема остварено победа на свој терен од 2010 година, кога Фернандо Алонсо беше најбрз на патеката во Монца.