Разоружени „шпионите“ во шахот

499

Строго контролирани партии на европското првенство во скопје

Почнувајќи од влегувањето на шахистите во салатa за играње, па до завршување на партиите, се води строга контрола да не дојде до некакви сугерирања однадвор, кои, пак, можат да влијаат на конечниот исход на партијата, вели интернационалниот шаховски судија Сашко Лакински

Јубилејното 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах во Скопје, полека добива замав, а партиите со секое изминато коло, стануваат сѐ повозбудливи. Во хотелот „Хилтон“, каде што секој ден (сабота е единствениот слободен ден, н.з.), со почеток од 15 часот, се вклучуваат во погон шаховските часовници во главната и во уште три помали сали за играње. Главниот судија, Ерменецот Ашот Вардапетјан, и уште 18 судии се грижат сѐ да се одвива во најдобар ред.
– Почнувајќи од влегувањето на шахистите во салите за играње, па до завршувањето на партиите, се води строга контрола да не дојде до некакви сугерирања однадвор, кои, пак, можат да влијаат на конечниот исход на партијата. Така уште при влезот има посебна контрола, која со детектори го проверува секој шахист, но и присутната публика, дали носат со себе недозволени електронски помагала (телефони, часовници и разни електронски помагала), односно работи со кои шахистот би можел однадвор да добие одредени сугестии за својата партија. Во секое коло шахистите добиваат ново пенкало од истите причини, а движењето во салата е според строго одредени зони за да не им се пречи на шахистите. Поради евентуално сугерирање однадвор, партиите што одат во живо на интернет, се со 15-минутно доцнење од тие во салата, а зборувањето на публиката со шахистите во салата е забрането – вели македонскиот интернационален шаховски судија и еден од двајцата заменици на главниот, Сашко Лакински.

Како и во другите спортови и во шахот има посебно андидопинг-тело со своја задача.
– По секое одиграно коло дејствува и посебно антидопинг-тело, кое по случаен избор повикува одреден број шахисти за да провери дали повиканите со себе имале или користеле одредени недозволени електронски помагала. На чело на ова тело е Полјакот Томаш Делега – нагласува Лакински.
Ваква строга контрола, која малку ги збунува љубителите на шахот, кои сакаат во живо да го следат ЕП, повеќе е практика на големите и значајни шаховски манифестации (ШО, СП, ЕП), додека на помалите опен-турнири ретко се гледа.


Официјалниот сајт со 58.104 посети од 130 држави

Официјалниот сајт на ЕП првиот ден беше посетен 5.283 пати, а вториот ден 5.795 пати, или, откако го имаме, сајтот има 19.251 посетител од вкупно 58.104 посети од 130 држави, што само кажува за неговата голема посетеност буквално од целиот свет. Меѓу државите засега предничат Германија (5.164), Русија (3.320), Македонија (2.761), Шпанија (1.753), Полска (1.625), Франција (1.625), ЕУ (1.610), САД (1.568), Србија (1.566), Холандија (1.538), Турција (1.450), Австрија (1.442), Италија (1.441), Чешка (1.162), Данска (1.097) итн. – вели Антонио Кузмановски, кој е задолжен за официјалниот сајт на ЕП.


Седуммина со максимален ефект

По 3-то коло на ЕП само седуммина имаат максимален ефект од три победи. Тоа се: 18-годишниот Холанѓанец, Лукас ван Форест (2.515, рангиран на 124-то место), Белорусинот Сергеј Азаров (2.585, рангиран на 82-то место), Грузиецот Иван Чепаринов (2.683, рангиран на 11-то место), Русите Кирил Алексенко (2.644, рангиран на 26-то место) и Максим Чигаев (2.613, рангиран на 57-то место) и Полјаците Каспер Пјорум (2.631, рангиран на 37-то место) и Бартел Матеуш (2.600, рангиран на 73-то место). Првиот фаворит Русинот Владиславе Артемиев (2.736) има 2,5 поени и е на 15-то место, најдобро пласиран Македонец засега е ВМ Александар Чоловиќ (2.576), кој е на 187-то место, следуваат ИМ Никола Николовски (2.449), на 207-то и ВМ Кирил Георгиев (2.404) на 219-то место, сите со по 1,5 поени. На ЕП играат 361 шахист од кои 143 се ВМ.