Протоколот го диктира шаховскиот живот во Македонија

272

Првенства што ќе настојуваме да ги одржиме во август се Втората лига за сениори и државните првенства во младите категории. Во меѓувреме разговаравме со претставници на хотелите и условите што ни ги нудат за овие првенства и ШФМ донесе одлука и двете првенства да се играат во х. „Метропол“ во Охрид, кој во сегашнава ситуација, сепак понуди најдобри услови за вакви првенства – вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски

Очекував протоколот за организација на шаховски настани и турнири кај нас во услови на пандемија на коронавирусот, кој го подготви УО на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), да биде одобрен од Комисијата за заразни болести, оти беше во согласност, како според нивните, така и според препораките на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и Европската шаховска унија (ЕЦУ) и јас сум им благодарен за нивната возвратна ажурност. Овој протокол не можевме да го подготвиме порано оти, генерално гледано, во услови кога бевме во вонредна состојба немаше ни логика да се стори тоа – вели претседателот на Натпреварувачката комисија при ШФМ и член на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски.

Со донесувањето на овој протокол всушност се отвора патот за почнување на играчките активности на ШФМ, како и од страна на други организатори на турнири во Македонија, но со стриктно почитување на мерките дадени во самиот протокол. ШФМ ќе биде задолжена и одговорна за натпреварувањата внатре во салата за играње, а за надвор од неа, како и за сместувањето на шахистите, ќе биде одговорен хотелот каде што се одржува првенството или турнирот.

– Првенства што ќе настојуваме да ги одржиме најбрзо се Втората лига за сениори и државните првенства во младите категории (од 8 до 18 год.) во машка и женска конкуренција, со термини 21-24 август, односно 25-30 август. Во меѓувреме разговаравме со претставници на хотелите и условите што ни ги нудат за одржување на овие првенства. Така, досега ги посетивме хотелите „Метропол“, „Дрим“, „Негорци“, „Белви“, „Монтана“ и многу други, како и повеќе локации во Скопје и на крајот ШФМ донесе одлука и двете првенства да се одржат во х. „Метропол“ во Охрид, кој во сегашнава ситуација, сепак има најдобри услови за одржување на вакви првенства – вели Стојчевски.

Според професионалниот шаховски тренер ИМ Орце Данчевски, протоколот иако е задоволителен, сепак требало да биде готов многу порано.
– Протоколот што го одобри Комисијата за заразни болести е повеќе од доволен за почнување на шаховскиот живот во Македонија. Изгубивме голем временски период, бидејќи оваа работа ШФМ требаше да ја заврши уште во мај. Како директно инволвиран со работата на младите шахисти во Македонија, ваквото доцнење предизвика драстично намалување на интересот за древната игра кај нив. Доколку не се организираат првенствата за младите категории на шахисти, ќе се доведеме во ситуација да го испуштиме позитивниот тренд што го имавме во зголемувањето на бројот на млади шахисти. Негативните последици од оваа пандемија ќе можеме да ги согледаме кога таа ќе заврши. За мене не е важно каде ќе се играат првенствата, само да се одржат и сѐ да мине во најдобар ред – смета Данчевски.


Заштитни маски, доктор, до 48 шахисти во сала, без ракување…

Ќе спомнеме само дел од протоколите што ќе мора да се применуваат при играњето на турнирите. Така, во салата каде што ќе се играат партиите треба да има природна вентилација, да биде отворена од едната страна со излез на тераса, недвосмислено растојанието меѓу противниците, како и да седат, да изнесува најмалку 120 мм, а растојанието меѓу масите за игра минимум три метри. Да нема повеќе од 24 маси, односно 48 шахисти во една сала. Организаторот за секое коло треба да обезбеди заштитни маски за играчите и за судијата, дезинфекциско средство, а фигурите и часовниците да се дезинфицираат пред и по секоја партијата. Да се обезбеди доктор на настанот, да има мерење на температурата на играчите пред секое коло, да нема ракување пред и по партијата, шахистите да се движат по јасно означени патеки во салата и друго…

[email protected]