Продолжение, нов турнир, компромис…?

197
Драгољуб Јаќимовиќ

Тоа се дел од размислувањата на наши и на странски шахисти, по повод одлуката на ФИДЕ да го прекине Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак

МИНИАНКЕТА ОТКАКО БЕШЕ ПРЕКИНАТ ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИТЕ ВО ШАХ

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) го прекина на одреден период Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах во Екатеринбург, откако Владата на Русија во четвртокот објави дека поради пандемија на коронавирусот го прекинува воздушниот сообраќај со другите држави. Според правилата на турнирот, претседателот на ФИДЕ одлучи да го прекине турнирот и тој да продолжи кога ќе овозможи глобалната ситуација, оти не може да им гарантира безбедно и навремено враќање на шахистите дома. Ова поттикна реакции, особено откако велемајсторот (ВМ) од Азербејџан, Тимур Раџабов пред турнирот побара тој да биде одложен, ФИДЕ не го прифати неговото барање, а на местото на Раџабов настапи Французинот Максим Вашер-Лаграв.

– Многу тешка ситуација за ФИДЕ. Според мене, најпаметно е да се почне од почеток со Раџабов, но и со Вашер-Лаграв, оти не може сега да се исклучи, особено што води на табелата – вели македонскиот интернационален мајстор (ИМ) Филип Панчевски.
Според повеќекратниот првак на Србија, ВМ Иван Иванишевиќ, Раџабов треба да биде обесштетен.
– Раџабов неоспорно е дека е оштетен. А од друга страна, пак, веќе се одигра половина од турнирот. Веројатно, најправилно е турнирот да се заврши кога ќе биде можно, а Раџабов на некој начин да биде обесштетен. Во друг случај, пак, би биле оштетени некои играчи и тоа, веројатно, многу повеќе од нив двајца – смета Иванишевиќ.
ФИДЕ постапи правилно, вели ВМ Кирил Георгиев.
– Прашањето е многу комплицирано, но ми се чини дека ФИДЕ постапи правилно во овој случај. Турнирот почна, а по седум кола беше прекинат поради виша сила. Русија ги затвори своите граници и воздушниот простор, па ФИДЕ со право реши да го одложи турнирот за да може учесниците да се вратат дома – вели првата табла на Македонија, Георгиев.
Членот на ШК Алкалоид, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, има интересен став.
– Ваков начин на прекин на турнир е тешко замислив. Во секој случај, партиите што се одиграни би морале да се рејтингуваат. Нов термин за турнирот не е познат, така што би било можно Раџабов да биде вклучен и практично да се игра нов турнир. Значи поништен прв турнир, со рејтингувани одиграни партии и нов турнир – вели Јаќимовиќ.

Според македонскиот интернационалниот шаховски судија Иван Кочовски, турнирот веројатно не требало да почне.
– Одредени луѓе, во одреден момент мора да донесат одлука. Раџабов го откажал учеството, a тоа можеле да го сторат и преостанатите учесници, но не го сториле. Бил повикан Вашер-Лаграв како резерва. Турнирот почна, а потоа е прекинат. Друго прашање е дали турнирот требало да почне. Веројатно не – смета Кочовски.