Прекин на првенствата во ракомет, кошарка и во одбојка

85

На меѓународната сцена во таеквондото се откажани неколку силни натпревари, се чека одлука за олимписките квалификациски турнири, како и во каратето и во борењето, а боксерите Љама и Јанески се во Лондон на олимписки квалификации за ЛОИ во Токио

Според последните препораки и забрани од Министерството за здравство за превенција од коронавирусот, како и препораките на Светската здравствена организација за заштита на здравјето и безбедноста, ракометната, кошаркарската и одбојкарската федерација на Македонија донесоа одлуки за прекин на сите домашни натпреварувања во машка и во женска конкуренција во наредниот период.
Најновата ситуација во врска со коронавирусот во светот и кај нас, секако остава траги и врз македонските спортисти, посебно оние што имаат амбиции да обезбедат норма за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, но и на спортските манифестации и првенства кај нас.

– Најновата ситуација во врска со коронавирусот, секако нѐ остана имуно ни таеквондото, каде што Дејан Георгиевски настојува да обезбеди олимписка норма. Така, закажаниот Г1-турнир, кој требаше да се одржи во Белгија е одложен, а истата судбина е и со Екипното клупско и поединечно сениорско првенство, кое требаше да започне на 3 април во Загреб. Деновиве очекуваме да добиеме информација дали квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ во Токио ќе се одржи во Москва или не. Засега е сигурно дека Георгиевски со уште седуммина македонски таеквондиски при крајот на месецот ќе замине на седум-осум дневни подготовки во Словенија. Како и да е ние тренираме секојдневно – вели еден од тренерите на репрезентацијата, Дарко Костовски.

Новонастанатата ситуација ги измести предвидените планови и во каратето, каде што Емил Павлов има шанси да биде дел од ЛОИ. И таму се откажаа неколку значајни натпреварувања, каде што се собираат бодови за Токио.

– Поради коронавирусот се откажаа двата турнири во Премиер-лигата во Рабат и во Мадрид, потоа Медитеранското првенство во Никозија, како и Балканскиот шампионат за деца во Истанбул. Засега квалификацискиот турнир за ЛОИ во Париз во мај, што е и најзначаен за македонските каратисти ќе се одржи, ако не таму, тогаш сигурно во друг град. Павлов веќе има своја изготвена програма по која веќе почна да тренира во Пехчево, а за неколку дена ќе му се придружат уште петнаесетина каратисти – ни изјави претседателот на Карате федерацијата на Македонија (КФМ), Горан Милковски.

Македонски боксери Јасин Љама (категорија до 63 кг) и Гоце Јанески (до 75 кг) ќе бидат дел од Олимписки квалификацискиот турнир, кој ќе се одржи од утре до 24 март во Лондон.

– Македонските боксери веќе се во Лондон и го минаа периодот на аклиматизација. За утре е предвиден техничкиот состанок како и ждрепката по категории. Во категориите на македонските боксери има по осум натпреварувачи. По овие ќе има и уште едни квалификации за ЛОИ, а се предвидени во април во Париз – ни потврди генералниот секретар на Боксерската федерација на Македонија (БФМ), Бранко Илиевски.
Во март олимписка норма на турнирот во Будимпешта (18-22), требаше да бркаат и македонските борачи Владимир Егоров и Елмедин Сејфулаху.

– Не само квалификацискиот турнир во Будимпешта, каде што требаше да настапат европски борачи, туку и тој во април во Софија, за борачи од целиот свет, се откажани поради коронавирусот и тие се презакажани за крајот на мај, односно јуни – ни изјави техничкиот секретар на Федерацијата на боречки спортови на Македонија (ФБСМ), Мустафа Адеми.