Првата носителка Халеп избегна влез во историјата на гранслемите

282

Првата носителка на тенискиот гранслем-турнир во Мелбурн, Романката Симона Халеп, се спаси од пораз во дуелот против Естонката Каиа Канепи (6-7, 6-4 и 6-2) и успеа да не биде првата тенисерка што како прва носителка на два гранслем-турнира по ред е елиминирана во првото коло. Во Њујорк лани во август Халеп доживеа шокантен пораз во првото коло токму од Канепи.

Во историјата на големите турнири, само шест пати се случило првата фаворитка да не ја помине првата пречка. Покрај Халеп, такво нешто им се има случено на Анжелик Кербер, на Ролан Гарос во 2017-та, двапати на Мартина Хингис, на Вимблдон во 1999 и во 2001-та, на Штефи Граф на Вимблдон во 1994 година, и на Вирџинија Ружичи во Мелбурн во 1979-та, која сега е менаџерка на Халеп.

Во ланското финале во Мелбурн, Халеп загуби од Каролине Вознијацки, но потоа на Ролан Гарос ја освои првата гранслем-титула во кариерата. Пред овој дуел таа беше во серија од пет меча без победа, најдолга во кариерата.

Русинката Дарија Касаткина, четвртфиналистка на Ролан Гарос и на Вимблдон лани, е првата од фаворитките (рангирана на 10-то место), што не се пласира во второто коло. Таа загуби од Швајцарката Тимеа Башчински, 192-та на ВТА-листата, убедливо, во два сета со 3-6 и 0-6. Л.Д.