По Вуелта, Словенците Роглич и Погачар доминираат и на Тур де Франс

49

По 15 етапи, Примож Роглич (30) и Тадеј Погачар (21) се на првите две позиции (40 секунди разлика), со реални шанси да останат на победничкиот подиум и в недела во Париз. Лани на Вуелта Роглич беше прв, а Погачар трет

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Словенците Примож Роглич (30) и Тадеј Погачар (21) се на првите две позиции на годинашното, 107. издание на легендарната велосипедска трка Тур де Франс, и на шест етапи до крајот на трката имаат реални шанси да останат на победничкиот подиум и в недела во Париз.
Вакво нешто можеби е изненадување за некои, но не и за поупатените во велосипедскиот спорт. Потврда за оваа констатација се и ланскиот триумф на Роглич на шпанската Вуелта, на 16 септември, како прв од Словенија на една од трите грантур-трки (Тур, Џиро д`Италија и Вуелта), и третото место на Погачар, на дебито на една ваква трка.

Роглич, кој во младоста бил и скијач-скокач, во 2016 година на Џиро д`Италија во првата етапа на тимски хронометар, долга 9,8 км, доцнел само една секунда зад Том Думулан, а една недела подоцна на индивидуалниот хронометар во Кијанти ја забележал првата победа во кариерата. Оттогаш тој постојано напредува. Лани на Вуелта имал целосна контрола на настаните. Клупските колеги го опишуваат Роглич како „фокусиран“, „посветен“ или како некој што е „посветен на детали“. Го сметаат за одличен лидер, смирен во секоја ситуација, а тоа им го пренесува на колегите.

Погачар, кој е професионалец од јануари годинава, а почнал со велосипедизмот уште на рана возраст, на досегашните 15 етапи на Тур веќе забележа две победи. Лани на Вуелта тој триумфира на три етапи, прв на возраст под 21 година и прв по Италијанецот Џузепе Сарони на Џиро д’Италија во 1978 година, кој сега му е тимски менаџер.
По 15 етапи (од вкупно 21), Роглич има 40 секунди предност пред Погачар, а повеќе од една и пол минута пред другите конкуренти.