По бурниот почеток, мирољубиво трето коло

135

По двете изминати возбудливи кола со само едено реми на Затвореното сениорско првенство на Македонија во шах, кое до 28 мај се игра во х. „Континентал“ во Скопје во 9 кола (Бергеров систем), во 3-то, на големо изненадување дури четири ремија и само една победа. Уште повеќе што партиите, освен две траеја релативно кратко, па и таму каде фаворитите требаше да ја искористат својата рејтинг-предност. Ако во 1-то и 2-то коло беа одиграни во просек на пет партии по 53 односно 54 потези, во 3-то коло беа видени речиси двојно помалку, 25. Дали веќе почнаа одредени тактизирања иако до крајот има уште шест кола?!

Единствената победа на колото ја оствари ВМ Звонко Станојоски (2.477), кој со црни фигури во игра на даминиот пиун, го совлада Емил Крстев (2.035) во 29-от потег, откако белиот во непрецизно одиграна средишница и под закана на мат, беше принуден да го жртвува коњот, што на крајот се покажа како пресудно. Дербито на колото меѓу најголемите фаворити за титулата, ИМ Филип Панчевски (2.500) и ВМ Кирил Георгиев (2.588) во сицилијанска одбрана (росолимо, варијанта со г3), заврши мирољубиво во 22-от потег со повторување на потезите во еднаква позиција.

Изненадувачко реми по само 13 потези во сицилијанска одбрана (росолимо), одиграа младите шахисти ФМ Тони Лазов (2.295) и Емил Ристески (2.130), уште повеќе ако се знае дека Лазов имаше две победи, а противникот два пораза. Најкраткото „салонско“ реми го потпишаа ИМ Никола Николовски (2.391) и искусниот ИМ Орце Данчевски (2.341), по само осум потези во бирдово отворање. Затоа пак, борбено реми во 57-от потег склучија ФМ Роберт Велески (2.189) и ФМ Љубиша Андоновски (2.276), откако во англиска партија, Велески жртвуваше квалитет по Ц-линијата, но под матна закана на противникот или пак, губење на фигура, потпиша примирје со повторување на потезите.

ТАБЕЛА ПО 3. КОЛО: ИМ Панчевски, ФМ Лазов, ВМ Георгиев по 2,3 поени, ВМ Станојоски 2, ФМ Андоновски, ИМ Николовски по 15, ИМ Данчевски 1, Ристески, ФМ Велески и Крстев по 0,5.

Резултати 3-то коло:

ФМ Велески (2.189) – ФМ Андоновски (2.276) реми

Ристески (2.130) – ФМ Лазов (2.295) реми

ИМ Панчевски (2.500) – ВМ Георгиев (2.588) реми

Крстев (2.035) – ВМ Станојоски (2.447) 0-1

ИМ Николовски (2.391) – ИМ Данчевски (2.341) реми