Почнува првиот есенски Ролан Гарос

92

Намалувањето на дневната светлина и дождливото време може да создадат нови предизвици за организаторите и за играчите

Шпанецот Рафаел Надал се враќа на Ролан Гарос во обид да го израмни рекордот на Швајцарецот Роже Федерер од 20 тениски гранслем-титули. Тој е 12-кратен шампион на земјени терени и може да се пофали со 93 победи на овие турнири (има и два пораза), почнувајќи од неговата деби-титула во 2005 година. Годинашното издание на гранслем-турнирот во Париз почнува утре, а беше одложено од традиционалниот термин во мај и јуни, поради пандемијата на коронавирусот.
Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ, кој го освои Ролан Гарос во 2016 година, неодамна во Рим ја освои рекордната 36-та титула на мастерс-турнирите од серијата 1.000. Србинот на почетокот на годинава го освои и гранслем-турнирот Австралија опен, кој беше негов 17-ти триумф. Доминик Тим ќе се обиде да биде уште подобар на Ролан Гарос, откако во последните две години беше вицешампион, зад Надал.

Австриецот ја прослави својата прва титула на гранслем-турнирите, кога пред неколку недели го победи Александар Зверев во финалето на САД опен. На Ролан Гарос годинава од врвните десет тенисери, треба да настапат и Данил Медведев, Стефанос Циципас, Зверев, Матео Бернетини, Гаел Монфис и Денис Шаповалов.
Намалувањето на дневната светлина и дождливото време може да создадат нови предизвици за организаторите и за играчите. Исто така и (не)присуството на публиката може да има свое влијание кај одредени тенисери. Во 2019 имало повеќе од 520.000 гледачи, а годинава, поради пандемијата на коронавирусот, ќе може да присуствуваат само по 1.000 луѓе дневно, вклучувајќи ги персоналот и организаторите.

 


Нов стадион, рефлектори, подвижен покрив…

Од годинава на тенискиот гранслем-турнир Ролан Гарос во Париз ќе може да се игра и навечер, откако се поставени рефлектори на повеќе терени, а ќе може да се играат некои мечеви и на дожд, бидејќи на централниот терен „Филип Шатрие“ е поставен подвижен покрив. Тој стадион е и целосно реконструиран, има капацитет за 15.500 гледачи.