„Последици“ за американските спортисти ако протестираат во Токио 2020!

62

На Панамериканските игри во Лима, Перу, мечувалецот Рејс Имбоден и фрлачката
на кладиво Гвен Бери на победничкиот подиум протестираа против социјалната неправда

Шефовите на олимпискиот тим на САД ги предупредија американските спортисти дека ќе се соочат со „последици“ доколку политички протестираат за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020-та. Ова следува откако двајца спортисти, мечувалецот Рејс Имбоден и фрлачката на кладиво Гвен Бери на Панамериканските игри во Лима (Перу) на победничкиот подиум протестираа против социјалната неправда, за што добија 12-месечна условна казна. Имбоден клекна на колено, а Бери ја крена тупаницата при интонирањето на химната.

Во писмата испратени до Имбоден и Бери, кои ги доби новинската агенција „Асошиејтед прес“, шефицата на Извршниот комитет на американскиот олимписки и параолимписки комитет Сара Хиршланд истакнува дека ги почитува „погледите“ на спортистите, но не се согласува со „моментот и начинот“ на кој тие ги истакнале ставовите.
Сите спортисти потпишуваат договори со кои се обврзани да не реагираат политички, религиозно или, пак, расно на Панамериканските и на Олимписките игри.
– Некој мора да им се спротивстави на сите неправди што се случуваат во Америка и на претседателот, кој ги влошува. Тоа е премногу важно за да не се каже ништо – изјави Бери (30).

Имбоден (26) на Твитер објави дека го „жртвува својот момент за да го сврти вниманието кон темите што треба да се решаваат“.
Клекнувањето на колено за време на интонирање на националната химна стана препознатлив начин на протестирање откако Колин Каперник од НФЛ (американски фудбал) го стори тоа во 2016 година во знак на протест против полициската бруталност и расната неправда во САД.
Многу други спортисти оттогаш го следеа, меѓу кои и фудбалерката Меган Рапино, која беше критикувана од претседателот Доналд Трамп, откако зборуваше против неговата политика.