Поп Арсова се подготвува за нови рекордни постигнувања

264

Последна трка сезонава за Адријана Поп Арсова беше државното првенство на 8 март, на кое постави нов државен рекорд на 10 км. Таа е рекордерка и на 5 км, во полумаратон и во маратон

АТЛЕТИКА

Адријана Поп Арсова последниве години доминира во македонската атлетика на подолгите делници, на пет и на 10 километри, полумаратон и во маратон. Таа е првата Македонка што истрчала маратон (42,195 км) побрзо од три часа (2:59,43 часа), во Подгорица, Црна Гора, во ноември 2018 година. Лани во мај на Скопскиот маратон постави нов национален рекорд, со време 2:52,52 часа. Таа е државна рекордерка и во полумаратон, со време од 1:20,01 час, на 10 км со 36,54 минути на стадион и на 10 км на пат со 37,02 минути, како и на пет километри со 18,09 минути.
Пандемијата на коронавирусот, суспендирањето на сезоната и карантинот си го сторија своето и ги нарушија плановите и на Поп Арсова.
– Првиот дел од сезоната е одложен, неизвесно е кога повторно би почнале да се одржуваат трки и дали воопшто ситуацијата ќе дозволи такво нешто, како кај нас така и во другите земји. Сезонава си поставив високи цели и се надевам дека ќе успеам да ги остварам. Се приспособувам на ограничувањата и се обидувам, пред сѐ, да останам позитивна во целава ситуација. Имам и доста слободно време, кое го минувам дома, одморам, испробувам нови рецепти, гледам филмови – вели Поп Арсова.
 
Последна трка за Поп Арсова беше државното првенство во Скопје, на 8 март, на кое го постави новиот државен рекорд на 10 км.
– Сега само тренирам редовно на кејот на реката Вардар, со тимот на Делта, а преостанатиот дел индивидуално, со тренерот Игор Јакимовски. Многу ми недостигаат трките, но се надевам дека работите ќе се подобрат наскоро. Во овој период се обидувам да одржувам некаква златна средина во однос на интензитетот и на волуменот на тренирање. Мотивацијата е секогаш тука и секако зависи од целите. Времето бргу минува, се надевам дека пандемијата наскоро ќе се стави под контрола, со тоа и трките ќе дојдат. Мојата задача е што подобро да се подготвам и да го истрчам планираното – вели Поп Арсова.
Поп Арсова посериозно почнала да се занимава со атлетика во 2013 година, кога сосема случајно, како што вели, пробала на подолгите делници и ѝ се допаднало. Атлетското „деби“ ѝ било на државното првенство во полумаратон во 2013 година, кога го освоила третото место.
 
Оттогаш сѐ станало посериозно. По неколку помали паузи првиот маратон го истрча во 2017 година во Загреб и постави нов македонски рекорд (3:07,27 часа). Во мај 2018 година, на Скопскиот маратон повторно забележа рекордно време (3:05,04), а во октомври 2018 година, во Ајндховен, Холандија, тоа време го подобри за повеќе од четири минути (3:00,37 часа). Во ноември 2018 година, во Подгорица, Црна Гора, ја проби „магичната“ граница од три часа, постигнувајќи време од 2:59,43. Лани на Скопскиот маратон беше уште побрза, истрчувајќи ја делницата за 2:52,52 часа, петти државен рекорд за неа на вкупно седумте истрчани маратони.