Популарноста на шахот се зголеми кога компјутерите научија да играат

489

Според ФИДЕ, бројот на активни професионални шахисти речиси двојно се зголемил за пет години до 2014 година. Бројот на турнири, исто така, пораснал за 37 отсто во целиот свет, а просечно 4,18 шаховски партии почнуваат секоја секунда само на познатиот шаховски сајт chess.com. И во Македонија бројот на шахисти денес е многу поголем отколку пред 20-30 години

Рускиот велемајстор (ВМ) Гари Каспаров, 13-от по ред светски првак во шах, според многумина и најдобриот на сите времиња, откако го победи секој конкурент во трката кон светскиот врв, почнал да бара нов предизвик. Така, во 1996 година му беше понудено да игра против компјутерскиот шаховски систем „Дип блу“. Компјутерот прво загуби, но во реваншот следната година успеа да победи. Во тој меч од шест партии Каспаров ја доби првата, а ја загуби втората партија, следните три ги ремизира, но ја загуби последната, шеста партија и со тоа „Дип блу“стана првиот компјутер што победи светски првак во шаховски меч.

Се сметаше дека шахот е една од последните работи што компјутерот ќе може да ги совлада. Алан Тјуринг, таткото на компјутерите, залудно се обидуваше да изгради шаховски алгоритам пред неговата смрт во 1954 година. Победата на „Дип блу“ требаше да биде само необична забава или да се истакне Каспаров. Но компјутерот продолжи да се подобрува. За неколку години шаховските компјутери покажаа дека можат да се натпреваруваат со големите шаховски мајстори.

Но интересот кон шаховската игра и за турнирите всушност се зголеми токму кога компјутерите научија да играат шах. Според најновите податоци на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), бројот на активни професионални шахисти речиси двојно се зголемил од пред девет години до 2014 година. Бројот на отворени турнири, исто така, пораснал за 37 отсто во целиот свет. Просечно 4,18 шаховски партии почнуваат секоја секунда само на познатиот шаховски сајт chess.com. Нема дефинитивна статистика за тоа колку има шахисти во светот, но процените се движат до една милијарда на глобално ниво. Тоа го прави шахот како најпопуларна игра во светот и покрај тоа што компјутерите можат да ги победат луѓето. По сето ова, со право се поставува прашањето, зошто всушност уште ја сакаме толку многу играта на 64-те црно-бели полиња?

– Луѓето имаат длабока благодарност за другите луѓе што прават извонредни работи. Поради тоа, секогаш ќе има побарувачка за извонредни шахисти, уметници и секој оној што ги турка границите на она што е човечки можно. Дури и ако компјутерите можат да победат во секоја шаховска партија или да создадат неверојатна уметност во секоја форма, фактот дека машината го направила тоа, всушност нема да го намали интересот за играње на оваа древна игра. Можеме да ја слушаме секоја песна во светот преку нашите телефони, па, сепак, сѐ уште одиме да слушаме концерти во живо. Можеме да играме видеоигри што симулираат кошарка, но, сепак, ќе купиме сезонски билети за да ги следиме на теренот – анализира во својата статија Тоби Литке, основач и извршен директор на компанијата „Шопифај“.

По поразот од „Дип блу“, Каспаров на крајот дојде до идеја дека компјутерите и шахот се добра двојка. Машината едноставно станува влез во процесот на донесување одлуки на шахистот, менувајќи го наративот од „човек наспроти машина“ во „човек плус машина“. Тие (шахистот и компјутерот) се подобри кога се заедно. Без разлика што компјутерите господарат, моќта на човечката изведба ќе преовладува. Иако може да се изградат машини што се подобри во речиси сѐ, човечката фасцинација со силата на човечкиот дух никогаш нема да може да се замени.

И во Македонија не е поинаку отколку во другите држави во светот. Бројот на шахисти денес е многу поголем отколку пред 20-30 години.
– Според податоците што постојат, во моментов во Македонија има 790 шахисти што се со ФИДЕ-код. Многумина од нив можеби одиграле само по еден турнир, но оваа бројка секако е многу поголема отколку во минатото – вели Иван Кочовски, стручниот секретар на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и интернационален шаховски судија.


Дуелите „Дип блу“- Каспаров

Шаховскиот компјутер „Дип блу“и Каспаров играа меѓусебно во два наврата. Во првиот меч со стандардна временска контрола (10-17 февруари 1996) славеше Каспаров со 4-2, притоа добивајќи три партии, а две ремизира. Потоа „Дип блу“ беше надграден и следуваше нов меч против Каспаров во мај 1997 година. Но сега Каспаров загуби со 2,5-3,5. „Дип блу“ (кој можел да пресмета дури 200 милиони позиции во една секунда) победи во решавачката шеста партија по кардиналната грешка на Каспаров во отворањето и на тој начин стана првиот компјутерски систем што победил светски првак во стандарден шаховски меч.