„Помошникот“ Томас за 11 години од претпоследен до шампион на Тур

283

Томас за кого ова е прв триумф на Тур и на некоја грантур-трка, на Скај и на Велика Британија им ја донесе шестата победа на последните седум изданија на престижната трка

Велшанецот Герент Томас (32) од тимот Скај, е победник на 105-от Тур де Франс што заврши вчера на Елисејските Полиња во Париз. Последната етапа беше ревијална и на неа по традиција се наздравува со шампањ и никој не го напаѓа водечкиот велосипедист во жолта маичка, кој само треба да ја помине целта.

– Ова е лудо, неверојатно, не ми се верува. Победив на Тур де Франс, не знам што да кажам. Се обидувам да не плачам, се обидував да не мислам на ова, едноставно да се концентрирам на секоја етапа, сега не знам што да правам, преплавен сум од емоции – изјави Томас на целта по 20-та решавачка етапа на хронометар во саботата на која заврши како трет со што ја задржа предноста пред Холанѓанецот Том Думулан и пред четирикратниот победник и клупски колега, Британецот Крис Фрум.

Томас, за кого ова е прв триумф на Тур и на некоја грантур-трка (во таа група се и Џиро д’Италија и Вуелта), на Скај и на Велика Британија им ја донесе шестата победа на последните седум изданија на Тур. Во 2012 година победи Бредли Вигинс, потоа четири пати триумфира Фрум. Таа победничка низа ја прекина само Италијанецот Винчецо Нибали во 2014 година. На Томас му беа потребни девет настапи на Тур за да ја забележи првата победа, само еден помалку од Холанѓанецот Јоп Зотемелк, кој триумфира во 1980 година на 10-от настап. Томас дебитира на Тур во 2007 година и заврши на 140 место меѓу 141 велосипедист.

Томас е во Скај од 2010-та, во улога на „помошник“ задолжен да се грижи, па и да се жртвува за најдобрите, за Вигинс, потоа и за Фрум, со голем удел во нивните победи. Најдобар пласман досега му е 15-то место, двапати. Во 2013-та имаше тежок пад во првата етапа, ја повреди карлицата, но ја извозе целата трка и му помогна на Фрум да ја забележи првата победа. Во 2015-та, во 16-та етапа удри во еден телеграфски столб и заврши во ендек покрај патот, но успеа да стигне до целта. Лани, откако победи на првата етапа на хронометар и стана првиот Велшанец во жолта маичка, во деветтата етапа ја скрши клучната коска и мораше да се повлече. Во 2014-та беше единствениот Британец што го извозе Тур, откако претходно Марк Кевендиш падна и се повреди во првата етапа, а Фрум се повлече во петтата.

Велшанецот не се сметаше за фаворит за триумф годинава со оглед на статусот на прв возач што го има Фрум во Скај и атаката на петтата победа. Но настаните, јасно и одличното возење, му одеа во прилог на Томас. По првите две етапи тој беше втор, а од 11-та ја носеше жолтата лидерска маичка. Во следната, 12-та етапа, на фамозниот Алп д’Уез повторно победи, како прв британски возач и ја „зацементира“ првата позиција, пред Думулан и пред Фрум и најави дека на него мора сериозно да се смета. Во Пиринеите, минатите неколку дена, на психолошки и на физички исцрпувачките етапи докажа дека ја заслужи победата годинава.


Што се случи со Фрум?

Главниот фаворит, Крис Фрум не успеа петти пат да триумфира на велосипедската трка Тур де Франс и да им се придружи на легендите, Французите, Жак Анкетил и Бернар Ино, на Белгиецот Еди Меркс и на Шпанецот Мигел Индрураин. Фрум имаше три грантур-триумфи едноподруго, Тур, Вуелта и Џиро, но не успеа да го достигне и Меркс, кој е единствен возач со четири грантур-победи во низа, ниту да биде првиот, по Италијанецот Марко Пантани во 1998-та, што победува на Џиро и на Тур во иста година.

На минатите трки на Тур, како што одминуваа етапите, Фрум беше сѐ подобар. Но, годинава киксна, не беше на нивото на Томас и на Думулан, на планинските етапи кога се решаваше победникот. Причината за тоа веројатно е настапот на Џиро и заморот што го стигна, а можеби и обвинувањата за наводниот допинг лани на Вуелта и неизвесноста околу настапот на Тур, сѐ до почетокот. Но третата позиција и местото на победничкиот трон воопшто не е за потценување и треба да се смета за успех, па и за Фрум.