Петти ПОИ за Наковска-Бикова

77

Подготвени сме достојно да ги браниме боите на Македонија. По речиси две години апстиненција од врвни спортски натпревари, време е да се впуштиме во борба со конкурентите, со надеж дека покрај другото и спортската среќа ќе ни биде наклонета, вели селекторот Јовановски, по пристигнувањето во Олимпиското село во Токио. За Наковска-Бикова настапот во Токио ќе биде петти во низа на ПОИ (во Лондон во 2012 година таа го освои златниот медал со воздушен пиштол од 10 м)

Македонската параолимписка делегација и единствената македонска параолимпијка, стрелачката Оливера Наковска-Бикова пристигнаа во Олимпиското село во Токио, а за вчера беше предвиден и првиот тренинг со нејзиниот тренер и селектор на македонската репрезентација, Бранимир Јовановски.

– По многу чекања и контроли, пристигнавме во Токио. Засега сѐ е во ред, освен преголемиот замор од долгото патување и чекање за потребните процедури. Оливера Наковска-Бикова, иако беше пријавена да го носи македонското знаме на отворањето на Игрите, беше преморена од долгиот пат, па решив да ја прифатам нејзината молба да отсуствува од оваа церемонија и да ја поштедам од дополнителен напор по две непроспиени ноќи. На чинот на свеченото отворање на Игрите, македонското знаме го носеше нашиот шеф на мисијата, Драган Дојчиноски, а го придружуваше нашиот параолимписки аташе Кристина Стојчевска – ни изјави Јовановски.

За Наковска-Бикова настапот во Токио ќе биде петти во низа на ПОИ (во Лондон во 2012 година таа го освои златниот медал со воздушен пиштол од 10 м). Таа ќе настапи во дисциплините воздушен пиштол од 10 метри (вторник), спорт пиштол од 25 м (2 септември) и пиштол слободен избор од 50 м (4 септември).

– Од 13 до 18 август на стрелиштето „Бејбунар“ во Охрид ги одржавме завршните подготовки. Сега ни останува сработеното и договореното да го повториме и во Јапонија. Подготвени сме достојно да ги браниме боите на Македонија. По речиси две години апстиненција од врвни спортски натпревари, време е да се впуштиме во борба со конкурентите, со надеж дека покрај другото и спортската среќа ќе ни биде наклонета – вели Јовановски.