Петмина во водство, Карлсен ремизира во првите четири партии

135

ИНТЕРНЕТ-ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ

Хикару Накамура, Левон Аронијан, Данил Дубов, Тимор Раџабов и Весли Со се во водство со по 2,5 поени по првиот натпреварувачки ден на шаховскиот интернет-турнир во забрзан шах „Аиртингс“. На турнирот (партите се играат со темпо на размислување двапати по 15 минути, плус 10 секунди по секој потег) настапуваат 12 играчи, меѓу кои и светскиот првак Магнус Карлсен.

Карлсен ремизира во сите први партии (со Раџабов, Со, Аронијан, Харикришна). Се одиграа четири кола, а 17 од вкупно 24 партии завршија без победник. На турнирот вреден 200.000 долари (за победникот 60.000 долари), играат 12 шахисти, а по првата фаза првите осум продолжуваат понатаму по нокаут-систем.

Овој турнир е продолжение на турнејата на шампионите на Магнус Карлсен. Се состои од 10 турнири што се одржуваат во текот на 10 месеци, а наградниот фонд од еден милион долари е зголемен на 1,5 милион долари. Има шест регуларни турнири, три посебни (овој е првиот од тие три), како и финалиња што се играат од ноември 2020 до септември 2021 година. На првиот турнир од новата серија-турнири, Американецот Со го победи во финалето Карлсен. Осумте играчи што се пласираа во нокаут-фазата на тој турнир автоматски добија право за настап на овој турнир.

Моментална табела: Накамура, Аронијан, Дубов, Раџабов и Со по 2,5 поени, Гришчук, Карлсен, Непомнијашчи, Харикришна по два, Вашер-Лаграв 1,5, Гуљаро и Гири по еден поен.