Пандемијата прекина врвни подготовки на Ивановски во Кенија

267

АТЛЕТИКА

Првпат во мојата спортска кариера се соочив со ваква чудна ситуација, и тоа токму во моментите кога планирав да реализирам подготовки на врвно и најпрофесионално ниво во најелитните тренинг-кампови во Итен, Кенија. Во предвечерјето на пандемијата, во март, заминав таму со познатиот бугарски атлетичар Митко Ценов, но само по две недели моравме да се вратиме дома. Потоа следуваше тежок период за мене, карантин и домашната изолација, но и во тие денови се обидував да ја одржувам формата со најразлични вежби, без трчање. Беше навистина тешко и мачно, но веројатно тоа ќе ме направи поистраен, вели Ивановски

Дарио Ивановски (23), македонски атлетски рекордер во сала и на отворено, како и повеќето спортисти во ситуација на пандемијата на коронавирусот и суспендирање на трките, се обидува да ја одржи формата за продолжувањето на атлетската сезона наесен.
– Првпат во мојата спортска кариера се соочив со ваква чудна ситуација, со карантини, забрани. И тоа токму во моментите кога планирав да реализирам подготовки на врвно и најпрофесионално ниво во најелитните тренинг-кампови во Итен, Кенија. Во предвечерјето на пандемијата, во март, заминав таму со познатиот бугарски атлетичар Митко Ценов, но само по две недели моравме да го напуштиме кампот и да се вратиме дома. Потоа следуваше тежок период за мене, карантин и домашната изолација од еден месец. Но и во тие денови се обидував да ја одржувам формата со најразлични вежби, без трчање. Беше навистина тешко и мачно, но веројатно тоа ќе ме направи поистраен. По таа голгота, со мојот тренер Игор Јакимовски и со колегите од АК Делта продолживме со тренинзите со максимално оптоварување, како да ќе имам трка утре – вели Ивановски.
Ивановски во саботата требаше да ја има првата официјална трка, на 10 километри, на хронометар, по пауза од четири месеци од трката во Софија, во сала на 1.500 метри.

– Таа трка требаше да биде прв настап за мене по подолга пауза, но, за жал, беше откажана, а, според најавите, би требало да се одржи во следните две недели. Моментно, со оглед на околностите, мојата форма е на доста високо ниво, но најдоброто од себе го очекувам во септември, кога би требало да се одржат Балканијадите. За потоа ќе видиме, имам многу поставени цели пред себе, меѓу кои најголема е настап на Летните олимписки игри во Токио. Јас веќе три години сум стипендист на Македонскиот олимписки комитет и чувствувам обврска со трките и со поените да си обезбедам настап таму и да бидам во врвна форма на најголемото светско натпреварување. Игрите се одложија, уште се под знак прашалник, но јас на нив гледам како на нешто што сигурно ќе се одржи следната година – вели Ивановски.
Ивановски е македонски рекордер на 3.000 метри во сала (8:03,65 минути) и на отворено (8:17,65 минути), потоа на 1.500 метри во сала (3:50,90), на 1.000 метри на отворено (2:28,04), на 10.000 метри на пат (30,04 минути) и на сертифициран полумаратон (1:08,03 часа).