Павлов триумфира на Премиер-лигата во Москва

52
Емил Павлов (десно)

Тој во големото финале во категоријата до 60 кг во борби го победи со 3-1 турскиот претставник Ерај Самдан и освои значајни бодови за пласман на Летните олимписки игри во Токио в година

Најдобриот македонски каратист Емил Павлов (категорија до 60 кг во борби), постигна огромен успех на престижната Премиер-лига, која викендов се одржа во Москва, освојувајќи ги првото место и златниот медал. Спортистот на Македонија за 2018 година, во големото финале во категоријата до 60 кг, го победи турскиот претставник Ерај Самдан со 3-1.

Успехот е дотолку поголем, што Павлов во полуфиналето го победи со 1-0 Италијанецот Анџело Крешенѕо (6.195 олимписки бода), актуелен светски првак и моментно втор на олимписката листа за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година.

Претходно Павлов оствари четири победи, и тоа против Унгарецот Ласло Киш (4-1), Шпанецот Матиас Гарсија (6-0), Летонецот Калвис Калининис (5-3) и Бразилецот Даглас Бросе (2-0).

Со овој триумф во Москва, Павлов, според некои пресметки, треба да освои околу 990 олимписки бода за листата за пласман на ЛОИ 2020. А со новите бодови, се очекува на олимписката листа, каде што беше 54-ти (1.102,5 бода), тој да има над 2.090 бода, што би значело искачување за околу триесетина места (во зависност од резултатите на другите конкуренти), односно да фигурира некаде на 22-то или 23-то место, додека, пак, во Премиер-лигата, каде што моментно беше дваесет и втор да напредува за десетина места.

До почетокот на ЛОИ има уште девет турнири што носат бодови за пласман на карате-турнирот на Игрите, а потоа има и квалификациски турнир во Париз, од каде што, според информациите, првопласираните тројца по категорија обезбедуваат пласман на Игрите.

Другите македонски каратисти што настапија на турнирот во Москва, Ненад Келебиќ (категорија до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Берат Јакупи, Виктор Крстевски и Петар Спасеновски (сите до 84 кг), Жарко Арсовски (над 84 кг) и Пуликсенија Јованоска, не постигнаа забележителни резултати.