Отворено ЕП во шах во Скопје, Артемиев во 1-то коло со црни фигури (Галерија)

1036
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вечерва во престижниот хотел „Хилтон“ во Скопје во присуство на претседателот на ШФМ Благоја Богоевски, претседателот на ЕКУ, Зураб Азмајпарашвили, директорот на АМС Дарко Каевски, градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин, многубројни шахисти, шаховски работници и вљубеници, со пригоден коктел свечено беше отворено јубилејно 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах во 11 натпреварувачки кола, на кое се очекува да настапат над 360 шахисти (144 ВМ) од 43 држави. Првенството го отвори директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, кој истакна дека со еден ваков шаховски настан, државата повторно се враќа на мапата на големите спортски натпреварувања, а на натпреварувачите им посака многу успех во партиите.

Претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Богоевски потенцираше дека е горд што во Македонија, по Шаховската олимпијада во Скопје во 1972 година, се одржува ваков редок голем шаховски настан, со кој државата уште повеќе се пропагира, но и увереност дека и во иднина ќе има вакви големи шаховски манифестации кај нас.

Претседателот на Европската шаховска унија (ЕЦУ), Зураб Азмајпарашвили изрази благодарност до сите оние кои придонесоа да се организира едно вакво големо шаховско натпреварување, посакувајќи им многу успех на шахистите, а на Каевски му додели посебна благодарница за неговиот придонес во подршката на шахот.

На отворањето присуствуваше и прворангираниот на ова ЕП, Русинот Владислав Артемиев, кој во присуство на главниот судија Ерменецот Ашот Вардапетјан, ја одбра бојата на фигурите за 1-то коло. Имено, тој симболично ја избра кутијата во која имаше црно вино, што значи дека денеска ќе ги има црните фигури на првата табла.

Присутните на чинот на свеченото отворање имаа можност да слушнат неколку нумери на оперскиот пејач Златко Груевски придружен од мајсторот на пијано Андреј Наумов, а балетската група „Ритам плус“ имаше неколку разиграни танци.