ОК Шутова од средината на табелата до вицешампион

78

Хит на оваа првенствена сезона во машката одбојка е секако екипата на Шутова, која по првиот дел од сезоната се наоѓаше на петтата позиција и речиси никој не помислуваше дека во пролетниот дел ќе оствари серија извонредни резултати и ќе биде поразена единствено од актуелниот првак и освојувач на купот екипата на Струмица.

За да ги оствари овие резултати, во текот на полусезоната клупската управа се погрижи да доведе неколку квалитетни одбојкари, дел интернационалци од Бразил, Украина и БИХ, Цезар, Азарови Суботиќ и двајца одбојкари од нашата земја кои настапуваа во Германија и на Косово, Јосифов и Маџиров.

Овие засилувања надополнети со постоечкиот ростер, создадоа целина која оствари резултати над сите очекувања и пласман кој на полусезоната беше речиси недостижен, но со квалитетот на одбојкарите и добрите подготовки дојдоа и посакуваните резултати.

Во финалето од плеј-офот екипата на Шутова се соочи со здравствени проблеми на најдобриот одбојкар Вилијан Цезар, кој го повреди скочниот зглоб, што во одредена мера ја поремети компактноста на екипата, како и остсуството на Јосифов, тоа се одрази на резултатот на првиот финален плеј-оф натпревар во Кичево, кој домаќините го загубија убедливо со 0:3. Состојбите тргнаа на подобро на мечот во Струмица кога кичевските одбојкари беа комплетни и кога заиграа многу квалитетно, и покрај поразот од 3:0 не беа инфериорен противник. Покрај квалитетот на домашната екипа, во служба на Струмица се ставија и судиите Ристов и Здравевски од Скопје, кои со неколку крајно дискутабилни одлуки го оштетија кичевскиот прволигаш и овозможија екипата на Струмица полесно да стигне до целта. Тоа го потврдува и директорот ан ОК Шутова, Башким Мехмеди, крајно резигниран од пристрасната арбитража на судиите на мечот во Струмица.

-Ова ни се случува по третпат оваа пролет. Секогаш кога гостуваме во Струмица, судиите судат пристрасно и на штета на нашата екипа. Тоа се случи и овојпат, кога во моментите кога се кршеше резултатот, со неколку крајно дискутабилни одлуки судиите Ристов и Здравевски топката им ја доделуваа на домаќините, со што се ставија во служба на струмичани и нивниот интерес. Се прашуваме зошто кога играме на домашен терен, никогаш немаме наклонетост на судиите како што тоа се случува во Струмица па и на други терени каде што гостуваме. Секогаш се обидуваме спортски и со квалитет да дојдеме до триумф, но во нашата одбојка покрај спортските постојат и други игри, кои не водат кон прогрес на оваа прекрасна игра – истакна Башким Мехмеди, спортскиот директор на Шутова.

Тој најави дека и следната сезона се очекува Шутова да биде високо на табелата, а зошто е и шампион, по втор пат од своето постоење.