Од Париз почнува приближувањето до Токио

95

На турнирот од престижната Премиер-лига ќе настапат девет македонски каратисти во борби и во кати

Деветмина македонски каратисти ќе учествуваат на престижната Премиер-лига, која од утре до недела традиционално ќе се одржи во Париз (Франција). Со овој турнир (треба да настапат 702 каратисти од 90 држави), почнува и годинашната борба за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио.

На татамите во Париз од Македонија ќе настапат Петар Заборски (категорија до 75 кг), Берат Јакупи, Виктор Крстевски, Глигор Петков, Петар Спасеновски (сите во категорија до 84 кг), Ангела Мојсовска и Моника Стефановска (и двете до 68 кг), сите во борби, и Фери Исич и Пуликсенија Јованоска во кати.

Еден од нашите најголеми адути за пласман на Летните олимписки игри во Токио, Емил Павлов, ќе го пропушти овој турнир во Париз. Тој моментно е 26-ти на листата за пласман на Игрите во главниот град на Јапонија (2.242 бода), а 11-ти во Премиер-лигата. Водечки на листата за ЛОИ е Казахстанецот Дархан Асадилов (8.317).

– Имав повреда на коленото, која сега е веќе санирана. Тренирам редовно и напорно. На Премиер-лигата во Париз нема да учествувам, бидејќи е ризично да не ја обновам повредата. Моите квалитети ќе ги потврдувам на премиер-лигите во Дубаи и во Стразбур. Тие ќе бидат и моја проверка пред Европското првенство во март во Баку – вели Павлов.

Од преостанатите македонски каратисти на олимписката листа повисоко пласирани се Јакупи, моментно на 37-то место (1.605 бода), и Јованоска, на 44-та позиција (697 бода) итн. Во Токио треба да настапат по 10 каратисти во една категорија.