Одложените Игри пред нови предизвици

60

Човештвото во моментов се наоѓа во мрачен тунел, а Игрите во Токио (кои се презакажани за периодот од 23 јули до 8 август 2021 година) можат да бидат светло на крајот од тој тунел, изјави претседателот на ИОК, Томас Бах

Одложените Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио треба да почнат на 23 јули и да траат до 8 август 2021 година (термините за годинава беа од 24 јули до 9 август), одлучи Извршниот одбор (ИО) на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Игрите ќе се нарекуваат Токио 2020, иако ќе одржат во 2021 година. Параолимписките игри (ПОИ) треба да се одржат од 24 август до 5 септември в година.
– Убеден сум дека работејќи заедно со Организацискиот комитет на Токио, со Владата на Јапонија и со властите на Токио, можеме да го совладаме овој невиден предизвик. Човештвото во моментов се наоѓа во мрачен тунел, а Игрите во Токио можат да бидат светло на крајот од тој тунел – изјави претседателот на ИОК, Томас Бах.

При утврдувањето на новите датуми, предвид се имаа и глобалниот спортски календар и многуте одложувања на големи спортски настани, меѓу кои е Европско првенство (ЕП) во фудбал за 2021-та. Одлуката за одложување на ЛОИ и ПОИ беше донесена за заштита на здравјето на спортистите и на сите други инволвирани поради пандемијата на коронавирусот. Организаторите на ЛОИ, пак, се надеваат дека одложувањето ќе им овозможи завршување на квалификациските натпревари како што беше планирано и за годинава. Потврдено е дека важат „визите“ за сите спортисти, кои веќе се квалификуваа за Игрите. Билетите ќе важат за предвидените настани, но ќе може да се бара и враќање на парите откако ќе бидат утврдени новите датуми за натпреварите.

Извршниот директор на Токио 2020, Тоширо Муто, призна дека дополнителните трошоци веројатно ќе бидат „масивни“. Одложувањето ќе влијае врз многу аспекти на организацијата. Хотелите мораа да ги откажат резервациите, проблем може да бидат и некои спортски објекти, кои беа резервирани со години однапред. Битно прашање за решавање е и Олимпиското село за спортистите, кое требаше да се претвори во комплекс од луксузни станови по Игрите и од кои некои веќе и се продадени.
ЕП во фудбал на жени што треба да се одржи од 11 јули до 1 август 2021 година во Англија, во периодот на презакажаните ЛОИ, најверојатно ќе биде поместено за 2022 година. Светското првенство (СП) во атлетика, што требаше да се одржи во САД, од 6 до 15 август в година, е одложено за во 2022 година.