„Обединети со емоции“ е олимпиското мото на Игрите во Токио

17

Мотото ги опфаќа визијата за Игрите и суштината на идеите и концептите што градот-домаќин сака да ги сподели со светот, ја изразува надежта дека сите учесници и гледачи ќе разберат дека има повеќе работи што ги обединуваат отколку што ги делат

Организацискиот комитет (ОК) на Летните олимписки и Параолимписки игри (ЛОИ и ПОИ) во Токио летово објави дека официјалното мото на Игрите ќе биде „Обединети со емоции“. Мотото ја нагласува моќта на спортот да ги собере луѓето од различно потекло и да им овозможи да се поврзат и да слават на начин што ќе ги надмине нивните разлики. Мотото ги опфаќа визијата за Игрите и суштината на идеите и концептите што градот-домаќин сака да ги сподели со светот, истакнуваат од ОК.

„Обединети со емоции“ ја изразува надежта дека гледачите, волонтерите и спортистите од над 200 земји, како и олимпискиот тим на бегалци, кои ќе дојдат летово во Токио, како и милијардите гледачи пред ТВ-екраните и на интернет низ целиот свет, ќе разберат дека има повеќе работи што ги обединуваат отколку што ги делат. Токио 2020, исто така, создаде концептуално видео во кое јапонската тениска ѕвезда Наоми Осака ќе ги споделува клучните пораки од мотото на Игрите.
Мотото на Игрите ќе биде прикажано (само на англиски јазик) во најразлични опкружувања и апликации, како на пример на места за натпревари, на градски улици и на лиценцирани производи. Исто така, ќе се појави и во дигиталните медиуми, за да се обезбеди внимание од целиот свет.